Собранието на Република Северна Македонија во попладневниот дел од денешната седница и го верификуваше мандатот на пратеничката Емилија Рамбабова од коалицијата, која доаѓа на местото на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. Во салата беа присустни 63 пратеници, а за верификација на мандатот гласаа 61 пратеник.
Пратеникот Панчо Минов образложи дека заради застапување на рамноправноста во Собранието е предложена Рамбабова да дојде на местото на министерката Шахпаска.
Со верификацијата на мандатот на Рамбабова, владејачкото мнозинство има повторно вкупно 62 пратеника. Во Собранието денеска беше и пратеникот Арбен Зибери, кој беше заболен од коронавирус, но последниот тест му беше негативен.
Претседателот на Собранието Талат Џафери ги информираше пратениците дека пратеникот Зибери имал два негативни теста и оти според новиот протокол на Комисијата за заразни болести нема решение за изолација.
– За тоа сум обврзан да ве информирам, рече Џафери притоа посочувајќи дека самиот пратеник Зибери се обратил до него и доставил решение дека е слободен да дојде во Собранието.
Пратеникот Скендер Реџепи од Алтернатива побара разрешување на антикорупциската комисија бидејќи не постапува по случаи на судир на интереси и го обвини вадејачкото мнозинство за, како што кажа, „криминализирање на институциите ДИК, МВР“, но и институтот пратеник.
-Човекот кој требаше да биде изолиран му дозволивте без никој да го види да го даде својот глас. Тоа е лоша порака, рече Реџепи, додавајќи дека Зибери тоа го сторил кога гласал за составот на Влада.
Претседателот на Собранието објасни дека верификацијата на мандатот не е прашање на мнозинството, туку е уставна категорија.
Собранието претходно денеска со 98 гласа „за“, четири „воздржани“ и ниту еден глас „против“ ја усвои одлуката за изборот на составот на работните тела на Парламентот, предлог кој е усогласен со координаторите на сите пратенички групи.
И покрај тоа што дневниот ред за седницата беше усвоен, во расправата по оваа точка пратениците од опозицијата повторно посочија дека се крши процедурата и оти се гласа за персонален состав пред Собранието претходно на парламентарна седница да донесе одлука за нивно основање и за дефинирање на надлежностите.
Тие истакнаа дека ваква одлука Собранието требало да донесе, бидејќи, како што посочија некои од комисиите би можеле да претрпат измена на број на членови или опфат и делокруг на работа, како на пример комисијата за здравство која би можело да има поголем број членови со оглед на ситуацијата со пандемијата.
Пратеничката Гордана Силјановска Давкова смета дека крајно невообичаено е Комисијата за прашањата на изборите и именувањата да ја супституира улогата на Собранието, и оти секој собраниски состав треба да има сопствена одлука за формирање работни тела, по која ќе се прави изборот на персоналниот состав.
Објаснувањето на претседателот на Собранието Талат Џафери беше дека претходната одлука за формирање работни тела или комисии е на сила, и оти нема предлози за формирање нови. На оваа одлука, рече Џафери, се темели и предлогот на координаторите на пратеничките групи за персоналните состави. Вие, им рече Џафери на пратениците од опозицијата, не сте поднеле никаков предлог за дополнување на делокругот на работа или за зголемување на бројот на комисии или членови на комисиите.
Пратеникот Антонио Милошоски смета дека парламентарното мнозинство не ја крши процедурата од незнаење, туку дека можеби се плаши од евентуално отворање дебата за надлежностите на комисиите и евентуални амандмани со кои, како што рече, би се оневозможило собраниската Комисија за европски прашања да остане „комисија за носење закони по скратена постака“, како во минатиот состав.