Индија ја погоди една од најлошите кризи во својата историја – економијата целосно пропадна, работните места се десеткувани, веќе кревкиот здравствен систем беше практично уништен, а бројот на заразени со коронавирус надмина пет милиони. Сепак, додека другите популистички лидери се дефинитивно критикувани за начинот на управување со кризата со коронавирусот, индискиот премиер Нарендра Моди изгледа имун на тоа.
Индија сега е на второ место по бројот на потврдени случаи. Покрај тоа, додека американскиот претседател Доналд Трамп и британскиот премиер Борис Џонсон се отворено обвинети за неспособност, неискреност и профитирање од пандемијата, премиерот Моди избегна погрдни наслови и намалена популарност кај граѓаните.
Моди беше реизбран за премиер на Индија минатата година, за уште пет години, а новиот мандат му дозволи поагресивно да ја наметне својата хиндунационалистичка агенда во земја во која 80 проценти од населението е хинду.
Моди, декларативно барем, имаше амбиција да ја заживее индиската економија, но пандемијата исто така го уништи последното зрно надеж дека Индијанците можат да излезат од сиромаштијата. Затоа експертите предвидуваат дека во одреден момент, корона-кризата може да го „удри Моди во глава“.
Најголемиот карантин во светот
Во споредба со лидерите како што е бразилскиот претседател Жаир Болсонар – кој се потсмеваше на коронавирусот и го нарече „мала настинка“ за на крајот сам да ја фати болеста – Моди сериозно ја сфати пандемијата уште од самиот почеток и реагираше брзо наметнувајќи рестриктивни мерки.
Кога на 24 март беше прогласен карантин на национално ниво, Индија имаше само 500 потврдени случаи и десет смртни случаи. Тој им рече на граѓаните дека дури и „најмоќните нации стануваат беспомошни пред пандемијата“ и ги предупреди дека Индија ќе се врати најмалку една деценија наназад доколку дозволи вирусот да ја уништи.
Моди на тој начин ја потврди својата репутација на решителен водач кој е способен да преземе остри и политички тешки мерки во корист на својата земја, но и да остане света личност која секогаш делува во согласност со пошироките национални интереси.
Меѓутоа, се покажа дека експлозијата на коронавирусот е само одложена и дека оние што предупредуваат дека не се исполнети условите за прогласување вонредна состојба и карантин биле во право. На крајот, карантинот стапи на сила помалку од четири часа откако беше објавено дека ќе биде воведен.
Тоа беше најголемо затворање на луѓе во најкус можен рок без соодветно планирање и подготовка за последиците од обемните полициски мерки, што Моди ги одржа во говорот кој, како и многу од неговите неодамнешни директиви, беше исполнет со популистичка симболика, но без планови и сочувство.
Проблемите се размножија буквално во тие неколку часа и во следните денови станаа уште покомплицирани – сиромашните работници кои заработуваа за живеење работејќи секојдневно, одеднаш останаа не само без работа, туку и на улица, без возови и автобуси за да се вратат дома. Некои минаа стотици километри. Повеќе од 20 такви печалбари загинаа во таа „поплава“ од човечка несреќа.
Снимки и фотографии на насилство од индиските улици и брутални мерки со кои индиската полиција ги дисциплинира граѓаните, брзо започнаа да го обиколуваат светот.
Победата на партијата на Моди „Баратија Џаната“ (БЏ) на националните избори минатата година го остави опозицискиот Индиски национален конгрес уништен и заглавен во лидерска криза на која не и се гледа крајот.
За лидерите на Конгресната партија, предводена со години од династијата Нехру-Ганди, сега внук на легендарната Индира, Раул Ганди, кој претрпе тежок пораз, следеше отрезнување. Против слабата и расцепкана опозиција, Моди е уште посилен и ослободен од каква било критика.
На крајот на краиштата, Индија е земја на касти и Боливуд, и токму ова спротивставување на мизеријата и валканите пари против светкавите фустани и заби сега најдобро го илустрираат раздорот помеѓу реалноста и некоја ветена иднина што, на крајот на краиштата, Моди не ја донесе.
Хиндунационализам и зборот на Ганди
Кон крајот на минатата година, во Индија избувнаа протести веднаш откако владејачкото националистичко мнозинство во парламентот на 11 декември донесе закон што не важи за припадниците на муслиманските малцинства.
Критичарите на контроверзниот закон дури тогаш изјавија дека владата на премиерот Нарендра Моди на тој начин се обидува да ја приближи Индија до хинду-државата, нанесувајќи голем удар врз секуларната демократија, а тоа е парадигмата на хиндуцентричното владеење на Моди што продолжува.
Вирусот само ги продлабочи постојните пукнатини во Индија. Дури и за време на пандемијата, муслиманите постојано се цел на исламофобични напади на улиците и на Интернет, со обвинувања дека токму тие го шират вирусот.
Малку подалеку од светските мејнстрим медиуми, борбата во Индија се водеше на друг фронт – околу наследството на Ганди.
Непосредно пред 72-годишнината од убиството на Ганди на почетокот на оваа година, Моди и неговата партија го искористија името на Ганди во кампања против протестите. Демонстрантите гледаа со презир како Моди и неговите сојузници го користат Ганди за промовирање на сопствената агенда, вклучувајќи го и прашањето што ги предизвика демонстрациите – граѓански закон за кој критичарите велат дека бесрамно ги дискриминира муслиманите. Тие тврдат дека постапките на владата се во директна спротивност на целта на Ганди – да се постигне секуларна, плуралистичка Индија.
Откако беше реизбран за премиер во мај минатата година, Моди ја одзеде автономијата на претежно муслиманската територија на Кашмир, а илјадници луѓе се неосновано уапсени.
Неговата партија е заслужна за пресудата со која се дозволува да се гради хиндуистички храм на местото на вековна џамија, а потоа работеше на промовирање на закон за државјанство што ги фаворизира имигрантите од секоја голема јужноазиска религија освен од исламот. Критичарите стравуваат дека муслиманите во Индија може да бидат протерани или лишени од националноста.
За шест години, откако тој е на функција, Моди се поврза безброј пати со наследството на Ганди, велејќи дека тие се „направени од иста земја“. Двајцата се родени во Гуџарат.
Во октомври минатата година, Моди напиша колумна за Њујорк Тајмс во која го повика целиот свет да учи од Ганди. Сепак, тој заборави да спомене дека Ганди бил убиен од хинду националист, кој го воспитала истата тврдоглава група што го обликувала самиот Моди: „Растрија Свајамсевак Санг“. Атентаторот Натурам Годсе верувал дека Ганди ги предал Хиндусите со тоа што бил премногу помирлив кон муслиманите. Партијата на Моди пука во луѓе кои го сметаат Ганди за предавник.
Правнукот на Ганди, кој стоеше рамо до рамо со демонстрантите, тогаш рече за неговиот голем предок: „Идеологијата што го уби сега го присвојува“.