Претседателот на Собранието, Талат Џафери веднаш на почетокот на собраниската седница за избор на заменик-министрите даде пауза бидејќи пратеникот Дамјан Манчевски од СДСМ поднесе оставка од функцијата пратеник.

Собранието сега ќе треба да почека да заседава Државната изборна комисија за да го утврди следниот пратеник кој ќе треба да дојде на местото на Манчевски.
– Со оглед на тоа што пратеникот Дамјан манчевски е избран од листа на пратеници, потребно е ДИК да го извести Собранието за кандидатот од оваа листа на кој треба да му се верифицира мандатот за пратеник согласно член 153 од Изборниот законик, рече Џафери.
Откако ДИК ќе испрати извештај, за тоа ќе одлучува матичната Комисија за деловнички и мандатно имунитетни прашања, по што ќе продолжи пленарната седница.
На ова седница во предложениот дневен ред прва точка е верификација на мандат на пратеник, а втора точка Предлогот за именување на заменици на министри во Владата
Претходно, Собранието ги констатира и оставките на Венко Стомнаровски од функцијата член на РСБПС, Софче Јовановска од функција член на Советот за статистика и на Марјана Кацарска од функцијата заменик на генералниот секретар на Парламентот, како и престанокот на мандатот на Ирена Шумковска од функцијата член на Државната комисија за жалби по јавни набавки.
Поранешниот министер за информатичко општество и администрација по изборите се поврзуваше со позицијата генерален секретар на Владата, каде треба да го замени Драги Рашковски.