Финска: Кучиња откриваат коронавирус на аеродром

од Nikola Popovski
273 прегледи

Финска распореди обучени кучиња трагачи на аеродромот во Хелсинки за откривање на патници заразени со коронавирус.

Четири кучиња, од различни раси, обучени од Финското здружение за откривање мирис, започнале да „работат“ на аеродромот, како дел од истражувањето финансирано од владата, според АП.

Станува збор за четиримесечно испитување на алтернативен метод за тестирање на коронавирус, што може да се покаже како поекономичен и полесен начин за откривање на заразени патници.

Финска се одлучила на овој потег откако студијата на Факултетот за ветеринарна медицина на Универзитетот во Хелсинки сугерирала дека кучињата кои се обучени за тоа можат да го откријат Ковид-19 со скоро 100% сигурност, пренесува „Скај њуз“

Професорка од Универзитетот во Хелсинки, Ана Хјелм Бјоркман, оценила дека ова е ветувачки метод и соопштила дека, ако успее, тоа ќе биде добар метод за скрининг и на други места.

Како пример за места каде што можат да „работат“ обучените кучиња, таа ги спомнала болниците, пристаништата, домови за стари лица, спортските и културните настани, пренесува „Ју-Ес-Еј Тудеј“.

Бјоркман изјавила дека Финска е втора земја во светот, и прва во Европа, што им овозможува на кучињата да го намирисаат коронавирусот.

Слична програма започнала да се спроведува на аеродромот во Дубаи во текот на летото.

Патниците кои се согласуваат бесплатно да бидат тестирани според оваа програма во Хелсинки, не мора да имаат директен физички контакт со кучето.

Тие треба да се избришат со марамче, кое потоа се става во тегла и му се дава на кучето во посебна кабина.

Слични содржини