Училиштата се подготвуваат за реализирање онлајн-настава. Некои од нив утре ќе организираат пробни часови на наставниците преку националната платформа, за што се пратени и повици до учениците. Министерството за образование и наука до училиштата ги достави лозинките за вклучување во платформата www.schools.mk која од викендов е достапна за користење.
МОН соопшти дека постојано ја тестира платформата за да се обезбеди целосна функционалност до почетокот на учебната година на 1 октомври, а за нејзино користење беше спроведена и обука на наставниците.
Платформата треба да ја користат околу 250 000 ученици и 25 000 наставници на пет наставни јазици. МОН ја креираше во соработка со ФИНКИ и со помош на комората за ИТ-технологии – МАСИТ.
Марија Смиљков, наставник по информатика во основото училиште „Илинден“ од Крива Паланка, за МИА вели дека наставниците од ова училиште првпат се среќаваат со ваков тип на платформа, но искуствата се позитивни. Според неа, ова е најдоброто нешто што се случило на образовниот процес во државата.
Во однос на подготовките за платформата во ова училиште, таа вели дека наставниците во голем дел се веќе подготвени, денеска одржале пробно тестирање и видео конференциска врска со учениците која поминала сосема во ред.
Од технички аспект училиштето ќе обезбеди лаптопи, а наставници веќе поминале низ обуки за работа со оваа платформа.
-Првин се набавува нова опрема во зависност од можностите на училиштето, веќе направивме напор да обезбедиме колку може училишни лаптопи, а ги преинсталиравме и постоечките училишни конфигурации. Сето тоа од технички аспект. Кај наставниците пак, веќе се одржаа обуки и тие веќе се спремни за работа со платформата. Знаат на кој начин да го отворат часот. На лесен начин се креираат тестови, материјали, сега полесно ќе им се понудат содржините на учениците, рече таа. Училиштето, како што рече, исто така обезбеди и оптички интернет.
Платформата, посочи Смиљков, е достапна на пет јазици и е достапна за секој ученик. Нема веќе преведување на поими.
-Првпат се среќаваме со ваков тип на платформа но имаме позитивни искуства, платформата е нешто најдобро што досега му се случило на образовниот процес во државата последниве години. Добиваме нешто ново и за ученици и наставници, достапна е на пет национални јазици на кои се одвива настава во Македонија, нема јазик кој не е застапен и на некој начин е достапна за сите од ученик до наставник, појасни Смиљков.
Додаде дека засега платформата одговара само на основни функции, на пример не ги покрива во целост потребите за часовите по физичко и музичко, но таа не застанува тука од технички аспект. Администраторите ќе работат заедно со предметните наставници, заедно ќе договорат кои дополнителни алатки се потребни на платформата.
Во училиштето „Илинден“ во Крива Паланка сите ученици од четврто до деветто одделение ќе имаат онлајн настава, додека од прво до трето ќе учат со физичко присуство.
Јелена Арсовска, наставник по информатика од средното училиште „Раде Јовчевски Корчагин“ во Скопје за МИА изјави дека наставниците во ова училиште се подготвени користење на платформата, со оглед на тоа што за време на обуката поминале без посебни предизвици.
Појасни дека опремата за одржување онлајн часови е веќе набавена. Училиштето сега располага и со камери, микорофони, добра интернет конекција.
-Набавивме опрема која ќе ни овозможи да имаме онлјан часови, камери микрофони,се што ни фалеше од технички аспект за да извршуваме онлајн настава. Интернет го средивме, обуките одеа супер, лесно се снајдоа колегите. Како училиште генерално сме подготвени, рече Арсовска.
И за утрешната генерална проба која ќе се одржи во училиштата во земјава, Арсовска потврди дека се целосно подготвени. Сите ученици од ова училиште наставата ќе ја следат онлајн.
-Подготвени сме за платформата, ќе видиме дали ќе работи платформата, ние технички сме подготвени. Обуката помина супер, наставниците се обучени. Немавме посебни предизвици за време на обуката, освен во оние моменти кога не работеше платформата, бидејќи се правеа измени. Колегите добро се снајдоа, на неа добро се работи, стабилна е, вели Арсовска за МИА, нагласувајќи дека немале проблем со конференциските повици, додека ја испробувале платформата.