Османи очекува првата меѓувладина конференција со ЕУ да се одржи во декември

од Берта Китинска
222 прегледи

Во интервју за Агенција Европа, дадено за време на неговата посета на Брисел, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, изјави дека очекува првата меѓувладина конференција со ЕУ да се одржи во декември, јави дописничката на МИА од Брисел.

-Првата меѓувладина конференција е од врвно значење, таа подразбира операционализација на политичкиот консензус постигнат во март помеѓу 27-те земји членки за старт на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ (…). Таа би требало да се одржи во декември. Значи дека можеме да почнеме да ги подготвување условите за отворање на првиот кластер на поглавја, вели министерот во интервјуто.

Тој објаснува дека земјата е загрижена од обидите за билатерализација на преговарачката рамка од страна на некои земји на ЕУ.

-Нашиот план не е да добиеме скратен пат кон ЕУ, туку целосна подготовка за исполнување на условите. Она што нѐ загрижува се обидите за билатерализација на преговарачката рамка, обидите да се искористи рамката како платформа за да се наметне унилатерално решение за билатерални проблеми за кои постојат алтернативни платформи, а тоа се спогодбите што ги имаме со нашите соседи, објаснува Османи за Агенција Европа.

Запрашан да го објасни проблемот со Бугарија, кој и е помалку познат на европската јавност, шефот на македонската дипломатија нагласува дека Скопје и Софија во последните три години постигнале напредок во политичката и економската соработка, како што предвидува договорот со Бугарија, но дека во делот на историската соработка, прогресот е побавен.

-За 18 месеци заедничките комисии се состанаа девет пати, се разбира се забави тоа со пандемијата и изборите, сега е време за интензивирање и комисијата ќе се состане на 15-ти за прв пат по изборите, и се надеваме дека комисиите ќе најдат заеднички јазик за начинот на толкување и прославување на историските ликови кои ги поврзуваат нашите народи. Тоа е дел од нашиот ангажман и нема да бегаме од него, вели Османи.

Сепак, додава тој, прашањата поврзани за идентитетот се неприфатливи за Северна Македонија.

-Тие произлегуваат од современото право на самоопределување и себеизразување. Ние мораме во нашите односи да ги апсорбираме разликите и да најдеме начин да одиме напред, мораме да мислиме на иднината, а не на минатото и да им ја оставиме на научниците грижата за унапредување во добра волја и доверба на договор поврзан за заедничка историја, надвор од политичките обврски, објаснува Османи за европската медиумска агенција.

Шефот на дипломатијата се заблагодари на ЕУ за помошта за пандемијата.

-Целосната и навремена поддршка што земјите од западен Балкан ја добија за време на пандемијата ни покажа што значи да си дел од семејството, вели Османи, осврнувајќи за на Економскиот и инвестициски план што Европската Комисија треба да го обелодени во текот на октомври.

-Овој инвестициски план е продолжување на солидарноста и партнерството на ЕУ со западниот Балкан и се надеваме дека тој ќе претставува важен поттик за регионалната соработка како и за партнерството на регионот со ЕУ, истакнува министерот за надворешни.

Слични содржини