„Не е пристојна ваквата избрзана јавна реакција преку ваков начин на комуникација, помеѓу државни органи и институции. Ме натеравте да ви реплицирам јавно бидејќи мојот настап на денешниот прес за медиумите ми го препишувате како лична изјава и затоа морам да ви објаснам вам и на јавноста, дека седниците на Државнта комисија за спречување на корупцијата согласно член 22 став 3 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, се јавни. Поради работењето во услови на пандемија и неесодветни просторни услови за запазување на физичката дистанца, медиумите не можаат да присуствуваат на седници, а за да се придржиме до неопходната и задолжителната транспарентност и јавност, информирањето за одлучување на седниците, се прави преку сопштениија и пресконференции“, реагира Нури Бајрами, член на ДКСК на обвинувањата на синоќешните обвинувања на Лидија Димова.

„Пресконференцијата беше организирана со одлука донесена од сите членови на Државната комисија за спречување на корупцијата, за да се информира јавноста за работата и донесените заклучоци и одлуки на денешната 39-та седница на ДКСК.
Предметите оформени од страна на ДКСК по пријава или по службена должност им се распределуваат на членови по азбучен ред на презимињата, а не по личен избор и ниеден член не реферира јавно и не одлучува по оформен предмет, без одлука на Државната комисија како колективно тело.
Мојот настап денеска не беше лична изјава него реферирање по оформен предмет по пријава, а новидите изнесени на денешната пресконференција не се мои наводи него наводи од пријавата бр. 12-1976/1 од 15.05.2020 година и кон неа доставени дополнувања заведени под број 12-1976/2 од 21.05.2020 година и број 12-1976/3 од 01.06.2020 година, поднесена до Државната комисија за спречување на корупцијата.
Во пријавата од страна на подносителите на пријавата изнесени се наводи за „злоупотреба на средства од европски фондови и Буџетот на РСМ, поточно за злоупотреба на фондовите на Европската унија од европските програми Еразмус плус, Евридика, Еуропас и Еурогајденс од страна на директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова”(цитат од пријавата).
Како што се наведува во пријавата, предметната пријава освен до ДКСК била доставена и до други институции и тоа до Министерството за внатрешни работи и до Управата за финансиска полиција а исто така, во врска со предметните наводи биле известени Членовите на Управниот Одбор на Националната агенција како и други институции во РСМ – ГСВРСМ, СЕП, МИОА, Делегацијата на ЕУ во РСМ, Кабинет на претседател на ВРСМ, Кабинет на претседател на РСМ, ДЗР, ДКСК, ПП СДСМ, ПП ВМРО ДПМНЕ, Јавноста и медиумите.
Дрзнувањето не е мој начин на работа. Јас не се дрзнувам на начин кој се дрзнувате вие и констатирате јавно дека на ја разбирам дејноста на Националната агенција. За да се запази законскиот рок за постапување и одлучување по оформен предмет, на денешната пресконференција јавноста е информирана за текот на постапката пред Државнта комисија за спречување на корупцијата и другите надлежни органи кои веќе постапуваат по поднесената пријава и до нив и по барање на Државнта комисија во согласност со член 17 став 1 точка 29: Државната комисија редовно ја известува јавноста за својата работа во врска со надлежностите што ги има согласно со овој закон и согласно со деловникот за работа на Државната комисија.
Се изнесени информации и податоци од документацијата која ја добивме од надлежните институции до кои се обративме, согласно Член 23 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, каде се вели:
(1) Државната комисија постапува по сопствена иницијатива или врз основа на добиени пријави.
(2) Заради целосно утврдување на фактичката состојба, Државната комисија може да побара податоци и информации од надлежни институции, правни и физички лица.
За да не се „дрзнеме” ние како службени лица по социјалните мрежи, ве повикувам јавно од понеделник (05.10.2020) кога вам ви одговара (се разбира со претходна најава) да дојдете во просториите на Државната комисија за спречување на корупцијата, за да имате целосен увид во сите списи од оформениот предмет и да се запознавате со дејноста, работата, начинот на одлучување и начинот на информирање на јавноста од страна на ова Државна комисија“, додава тој.

Претходно Димова соопшти дека Бајрами дал непримерна и, пред се, неточна изјава за неа и побара јавно извинување.
„Ве информирам дека наводите на г-от Бајрами се неточни, односно полуточни. Точно е дека има кривична пријава до Јавното обвинителство, но таа е доставена од страна на Националната агенција, а неточно е дека Министерството за образование и наука се изјаснило дека имало пропусти во работењето на институцијата која секоја година е предмет на надворешна ревизија согласно европските правила.
Изненадува и фактот што г-от Бајрами дури се дрзнува да наведува бројки за наводни договори склучени на незаконски начин.
Ваквите изјави се доказ дека Бајрами воопшто не ја разбира дејноста на Националната агенција – да склучува договори и да промовира мобилност и соработка во областа на образованието, младите и спортот ширум Европа и светот.
Имено, фактите се поинакви. Националната агенција веднаш штом забележа незаконско благајничко работење презеде акција, зашто верува дека криминалот не смее да остане неказнет. До денес се доставени две кривични пријави во ОЈО (засега), а повеќемина вработени и ангажирани лица вклучени во овозможувањето на ова дејство мораа да се соочат со дисциплински постапки, па дури и откази.
За преземените акции, благовремено се информирани Министерството за образование и наука (како национална власт), Европската комисија (Генералниот директорат за образование култура и млади), како и Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Дозволете да ве потсетам и на еден друг факт – во неколку наврати јас лично информирав на прес-конференција, па дури и во другите медиуми, дека има злоупотреба на грантовите кои ги давала Националната агенција во претходниот период и таквиот криминал е тежок 2,2 милиони евра. Соодветна кривична пријава е доставена за злосторничко здружување во ОЈО минатата година.
Затоа, не можам да сфатам како може информациите од типот „рекла-казала“ да имаат поголема вредност за ДКСК од кривичните пријави доставени во ОЈО во делот за организиран криминал и корупција.
Од тие причини очекувам ДКСК и г-от Бајрами да ми се извинат јавно за нарушување на угледот на институцијата што ја водам, но и за дефамација на мојот углед.
Конечно, сакам да ве уверам дека Националната агенција е отворена институција и секогаш ќе ви биде на располагање доколку сакате да истражите какво било дејство. Во надеж дека ќе добијам јавно извинување благовремено, ве поздравувам“, напиша Димова.