Италијанската влада делумно ги укина строгите закони за миграција, познати како закони на Салвини, според поранешниот министер и сегашен опозициски лидер на екстремната десница, Матео Салвини.
Таканаречените „Безбедносни регулативи“ имплементирани од Салвини во 2018 и 2019 година беа изменети со декрет одобрен од владата во понеделникот вечерта.
Се проширува правото на азил и работна дозвола за мигрантите и се реформира системот за прифаќање мигранти со посилен фокус на интеграцијата, според владиното соопштение во вторникот.
Казните за хуманитарни организации кои влегле во италијанските територијални води без дозвола се намалуваат од еден милион евра на 10.000 до 50 000 евра.
Казните не се применливи ако бродовите на добротворните организации се поврзани со државата под чие знаме пловат и поморските власти, кои ги координираат операциите за пребарување и спасување и ги следат нивните упатства, соопшти владата, пренесе ДПА.
Промени во законите на Салвини, особено во врска со казните, побара италијанскиот претседател Серхио Матарела, кој ги нарече казните „непропорционални“.
Тоа беше еден од приоритетите на сегашната влада кога ја презеде власта во 2019 година, откако партијата на националистичката Лига на Салвини отиде во опозиција. Потребно беше долго време да се одобри реформата, главно затоа што таа не одговараше на популистичкото Движење „Пет Sвезди“ (М5С), поранешна коалициска партија на Лигата на Салвини.
Движењето „Пет sвезди“ сега е во владата со левичарската Демократска партија.
Новите правила за миграција треба да стапат во сила откако ќе бидат потпишани од Матарела и објавени во Службен весник. Под нормални околности, ова трае неколку дена.
Парламентот исто така треба да ги ратификува во рок од 60 дена.