Пендаровски-Чапутова: Искуството на Словачка во евроинтегративниот процес може да помогне на С. Македонија

од Aleksandar Petrovski
134 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски попладнево во Братислава оствари средба со претседателката на Словачка, Сузана Чапутова со која заеднички констатирале дека двете држави имаат добри билатерални односи и оти словачкото искуство во процесот на пристапување во ЕУ може да и биде од помош на Северна Македонија.

Од страна на претседателот Пендаровски било изразено уверување дека меѓу двете држави како членки на НАТО ќе продолжи и досегашната добра соработка во одбраната и безбедноста.

Во контекст на потребата од зајакнување на регионалната соработка, Пендаровски посочил дека успешниот модел на земјите од Вишеградската група е исклучително корисен пример за земјите од Западен Балкан.

Двајцата соговорници разговарале и за досега преземените активности поврзани со пандемијата на КОВИД-19, при што се согласиле дека е неопходен заеднички одговор за полесно справување со здравствено-економските аспекти наметнати од овој глобален предизвик.

Претходно, претседателот Пендаровски се обрати и на Глобалниот безбедносен форум „ГЛОБСЕК 2020“.