Мнозинството бара „онлајн парламент“, опозицијата не прифаќа.
Со онлајн учество на собраниски седници би можело да дојде до злоупотреба на правата на пратениците кои би биле инфицирани од ковид-19, сметаат од колаицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива, оценувајќи дека Собранието има доволно услови за работа и во ситуација на епидемија со ковид-19, така што се што треба е добра комуникација помеѓу власта и опозицијата.
По трите потврдени случаи на пратеници активни на вирусот Ковид-19, се интензивираа дебатите околу можноста за заседавање на Собранието преку онлајн апликации.
Владејачкото мнозинство предлага промена на Деловникот за да се овозможи работа на далечина за пратениците кои имаат решение за изолација, додека ВМРО-ДПМНЕ смета дека од уставно-правен аспект Собранието не може да работи и да одлучува преку онлајн апликации.
Прашањето за онлајн работа на пратениците се актуелизира вчера откако пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ потврди дека пратеничка од редовите на оваа партија е позитивна на Ковид-19. Таа била позитивна на вирусот пред повеќе од една недела, а две недели претходно не доаѓала на работа во Собранието.
Претходните денови беше објавено дека позитивни на тестот за Ковид-19 биле и пратениците Лазе Танески од СДСМ и Исмаил Јахоски од ДУИ. Таневски се тестирал бидејќи сакал да патува во странство, а Јахоски имал симптоми на Ковид-19 и беше хоспитализиран.
По направените епидемиолошки анкети, од Центарот за јавно здравје информираа дека нема потреба од изолација на други пратеници, бидејќи мерките во Собранието се почитувале.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески вчера соопшти дека на координативна средба во Собранието ја објаснил потребата од промена на собранискиот Деловник, со цел воведување работа на далечина само за пратеници кои имаат решение за изолација.
– Тоа значи дека само оние пратеници кои се заболени или пак се наоѓаат во изолација поради контакт со заболено лице, присуствата на седниците на Собранието и на работните тела да можат да ги извршуваат онлајн, исјави Митрески.Според него, вакви примери на комбинирано работење на парламентите има низ целиот свет, па во време на сериозни предизвици, потребни се институции со целосен капацитет, вклучително и Собрание кое ќе биде во можност да ги извршува своите функции и во вакви околности.
– Пратениците треба да им служат на граѓаните во секакви околности, вклучувајќи ја и панемијата, рече Митрески.
Од друга страна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, пренесувајќи го ставот на неговата пратеничка група, изјави дека од уставно-правен аспект Собранието не може да работи и да одлучува преку онлајн апликации, бидејќи според него, постои јасна уставна норма во Членот 69, која налага присуство на собраниските седници на мнозинство од вкупниот број на пратеници.
Според Милошоски, работа од далечина би била можна доколку во Уставот пишувало „учество“, а не „присуство“ на седницата, како што е утврдено и со Деловникот во членот 29 во којшто се наведува дека пратеникот има право и должност да „присуствува на седниците“ на Собранието и да учествува во работата и во одлучувањето.
– Од етички аспект, би било нееднаквост доколку пратениците физички не одат на работа во Собранието, а во исто време се бара градежниците, медицинскиот персонал, продавачите, возачите, наставниците, судиите, чиновниците и приватниците физички да бидат на своите работни места за са си ја заработат својата плата, потенцира Милошоски на својот профил на Фејсбук.
Владејачкото мнозинство во Собранието брои 62 пратеници од СДСМ, ДУИ, Беса и коалициските партнери, а опозицијата 58 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и од коалицијата и Алијанса на Албанците и Алтернатива.