Мираковска: Многу брзо ќе испратиме амбасадори во сите земји каде што се испразнети местата

од Aleksandar Petrovski
116 прегледи

Пратеничката Соња Мираковска очекува собраниската Комисија за надворешна политика набрзо да ги сослуша сите кандидати за амбасадори и земјава наскоро да испрати амбасадори во сите земји каде што се испразнети местата.

-Верувам дека тоа многу брзо ќе се направи затоа што во текот на наредната недела треба да завршиме со сите 16 амбасадори.Ни остануваат пола, пола ги поминавме, остануваат уште осум и верувам дека многу брзо ќе испратиме амбасадори во сите земји каде што се испразнети местата,изјави Мираковска..

Таа додаде дека денеска пред комисијата имаше претставување на четири идни амбасадори – во Република Албанија г. Данчо Марковски, во Република Казахстан г. Сали Лимани, во Република Косово – г-ѓа Шпреса Јусуфи и во Светата Столица – г-ѓа Марија Ефремова.

-Од овие четворица само г. Сали Лимани е човек кој не е дипломат од кариера, сите се дипломати од кариера и во едно минато време тоа не се случуваше. Имавме прилика да ги слушнеме. Навистина тоа беа компетентни претставувања на наши претставници во овие земји и во Светата Столица. Мислам дека луѓето ќе ја исполнат својата задача, рече Мираковска.

Дури и г. Сали Лимани кој не е дипломат од кариера, додаде, имаше одлично претставување на неговите тези.

-Имаше добра идеја како практично во една голема земја како Казахстан, која има огромен број на средства, фонд за учество во некоја друга земја и за инвестиции, може да има привлекување кон нашата земја. Значи, сметам дека имавме добри претставници и дека тоа ќе бидат добри идни амбасадори и претставници на Република Северна Македонија, потенциа Мираковска.