Димитров уверува дека интензивно се работи на проблемот со Бугарија, Мицкоски бара лидерска

од Берта Китинска
373 прегледи

Сите земји членки на ЕУ се свесни, особено соседите, дека сме пред многу едноставен избор – или ќе имаме заеднички успех или ќе имаме заеднички дебакл. Земјава прави дипломатски напори да се најде излез од ситуацијата. Се вложува во билатералниот однос со Софија и наскоро, во следните неколку денови и недели, ќе се види резултатот.

Ова вчера го повтори вицепремиерот Никола Димитров, одговорајќи на новинарски прашања околу разговорите со Бугарија и Меѓувладината конференција.

Во моментов, оцени, одлуките во ЕУ се носат со консензус.

– Во овој момент зависиме од согласноста на сите до една земји членки за секој чекор напред во европскиот процес на нашиот европски пат. Ќе бидеме разумни, ќе бидеме мудри, ќе го промовираме и ќе го чуваме тоа што е наше и ќе работиме на почит и разбирање, меѓутоа легитимно е да очекуваме возвратна почит и разбирање. Ќе видиме што ќе биде, рече Димитров.

Вицепремиерот не смета дека работата на Мешовитата македонско-бугарска комисија е неуспешна, особено ако како референтна точка се земе фактот дека вакви комисии од други земји работат со децении.

-Мислам дека Македонско-бугарската комисија работи продуктивно и со полна пареа. Точно е дека нема многу време, се работи за неколку недели. Истовремено, наше е да објасниме за нашите позиции, да го објасниме влогот. Има голема амбиција во Берлин овој процес да успее. Канцеларката Меркел јавно во Европскиот парламент кажа дека еден од најголемите приоритети во смисла на надворешната политика на германското претседателство е да почне преговори со Северна Македонија и додаде доколку е тоа можно и се исполнат условите предвидени од март и за Тирана, за Албанија. Така што, мислам дека има целосно разбирање за нашите позиции што не значи дека ние треба да престанеме апсолутно со максимални напори да најдеме разбирачка и со Бугарија во рамките и за прашањата за кои е можна разбирачка. Тука сигурно не спаѓаат идентитетот и македонскиот јазик, објасни Димитров.

Тој уште еднаш повтори дека евентуалниот неуспех нема да е само македонски, туку ќе биде пораз и за европската слика за соседна Бугарија, но, пред се, и за Европа, за нејзините основни вредности.

Македонските и бугарските историчари по два дена разговори во Скопје не постигнаа напредок во однос на Гоце Делчев, а за појаснувачкиот меморандумот што Бугарија го достави до земјите-членки на ЕУ, како и за македонскиот јазик и идентитет не разговараа. Тие побараа трпение за да се дискутираат прашањата со што помалку емоции и тензии. Само на тој начин, порачаа, можат да се надминат. Има нови предлози и идеи за кои засега не се откриваат детали, но се најавува нова средба во Софија до крајот на годинава.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, сериозните прашања се решаваат на лидерска средба, на маса.

-Ја користам оваа прилика да ги повикам лидерите на релевантните политички партии, не зборувам за оној што ги организираше претходните лидерски средби кои завршуваа со фијаско, туку релевантните политички партии, да седнеме и да разговараме отворено за прашањето кое денеска е актуелно, а тоа се преговорите со нашиот источен сосед. Тоа е многу важно. Како ВМРО-ДПМНЕ ги повикуваме сите релевантни политички лидери да седнеме на лидерска средба и да поразговараме за сите актуелни, крупни политички прашања кои треба да ја детерминираат иднината на македонските граѓани и на Македонија како држава. Тука пред се мислам на случувањата околу преговорите со нашиот источен сосед, но и на пописот, на катастрофата во економијата, дебаклот во образованието, рече вчера Мицкоски на прес-конференција.

Во однос на тоа дека наводно е разговарано за нов договор, чудно е, истакна Мицкоски, зошто тоа никој од бугарска страна не го демантирал.

-Ве охрабрувам и вас како медиум да го поставите тоа прашање на политичарите на нашиот источен сосед, дали е ова вистина. Чудно е зошто никој од нивна страна не го демантираше сето тоа. А зошто дојдовме до таа состојба, е тоа е веќе друго прашање. Кои се политичарите кои не доведоа ние денес да стравуваме за нашата европерспектива како држава. Тоа е веќе прашање кое што заслужува лидерска средба, отворен разговор, и после тој разговор да излеземе или ќе понудиме решение или конечно ќе кажеме дека ние не можеме да се разбереме меѓу себе и тогаш ќе треба да бараме друг пат, рече Мицкоски.
Прашан за исходот од Македонскo-бугарската комисија од вчера, Мицкоски наведе дека од она што разбрал, професорите кои се дел од таа заедничка комисија што треба да преговара, немаат договор по суштинските прашања.

-Ако подразбираме под заедничка историја каде што два различни народа, два посебни народа имале во минатото заеднички моменти, а тоа се македонскиот народ борејќи се за своја независна македонска држава и бугарскиот народ борејќи се за својата бугарска држава, тогаш да, можеме да се сложиме со тоа дека имаме во определен период заедничка историја, но откако Бугарија ќе признае посебност на македонскиот народ, кој што во тој историски временски интервал е посебен од бугарскиот народ и се борел за своја посебна независна македонска држава, објасни Мицкоски.

Се останато, рече, е споделена историја или испреплетени историски факти.

– Ние да, сме имале заедничка историја со републиките од поранешната држава и народите кои биле мнозинство, но никој од нив не ги негира засебноста на македонскиот народ и засебноста на македонската држава. Доколку некој се труди да стави знак на равенство помеѓу македонскиот народ и бугарскиот народ пред 45-тата година и непостоење на македонскиот народ во тој период тогаш ни под разно не можам да зборувам за споделување, односно заедничка историја, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.

Македонските и бугарските историчари по два дена разговори во Скопје не постигнаа напредок во однос на Гоце Делчев, а за појаснувачкиот меморандумот што Бугарија го достави до земјите-членки на ЕУ, како и за македонскиот јазик и идентитет не разговараа. Тие побараа трпение за да се дискутираат прашањата со што помалку емоции и тензии. Само на тој начин, порачаа, можат да се надминат. Има нови предлози и идеи за кои засега не се откриваат детали, но се најавува нова средба во Софија до крајот на годинава.

Слични содржини