МВР со апел до граѓаните: Измамници бараат пари од повозрасни лица за наводни сообраќајки

од Берта Китинска
358 прегледи

Министерството за внатрешни работи денеска испрати апел до граѓаните да бидат претпазливи во комуникацијата со непознати лица, која е најчесто телефонска, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги, да ги проверуваат податоците пред да станат жртви на измама и да не им даваат пари на измамниците.

Од МВР соопштија дека во дневниот билтен стануваат се позачестени измамите што ги пријавуваат граѓаните, а најмногу се насочени кон повозрасните лица.

Сите сомнителни случаи, од Министерството апелираат веднаш да се пријават на бесплатниот телефонски број 192.

-Начинот на измама e со телефонско јавување на измамниците кај постари лица, при што ги доведуваат во заблуда со лажно прикажување на факти дека нивните син или ќерка предизвикале сообраќајна незгода во која е прегазено дете, а сторителот, лажно претставувајќи се како сведок или службено лице, им ветува дека за одредена сума на пари може да помогне наводниот учесник во сообраќајната незгода да не оди во затвор, информираат од МВР.

Посочуваат дека има и такви случаи кога измамниците ги доведуваат во заблуда оштетените дека телефонски разговараат наводно со сопственото дете, кое со вознемирен глас им кажува да прават тоа што се бара од нив.

Притоа, измамниците ги наведуваат оштетените за кусо време да ги обезбедат бараните парични средства, кои ќе бидат преземени од сторителите. Од оперативни сознанија на МВР, измамниците на ист начин функционираат и во Бугарија и другите соседни земји.

Од МВР информираат дека преземаат активности и мерки за пронаоѓање и санкционирање на пријавените сторители на измами.

Слични содржини