Во следниот период Вардар 1961 ќе се подготвува за два дуели со Кјелце во рамките од ЕХФ лигата на шампионите, а од денеска тимот е повторно на собир и тренира во СЦ „Јане Сандански“. Во тимот недостасуваат играчите кои се со своите репрезентации, и вкупно седум ракометари ќе настапат во рамките од ЕХФ неделата, соопштија од „црвено-црниот“ табор.
Пред почетокот на тренирањето направени се тестирања, а при добивањето на резултатите од тимот, стручниот штаб и сите кои се во меѓусебен контакт, двајца членови на тимот добија позитивен резултат. Играчите кои имаат позитивен тест немале допир со соиграчите, и резултатите пристигнале пред тренингот, па тие воопшто не се појавиле во сала.
„И двајцата членови на нашиот тим немаат симптоми и познато е дека се заразиле од блиски. Нивниот позитивен тест не е поврзан со претходните два кои се појавија во тимот. Согласно протоколите истите нема да бидат со екипата. Другите ракометари продолжуваат со тренирањето и се придржуваат до сите дадени препораки од здравствените власти и од клубот“, додаваат од Вардар.