Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со негодување и протест во собраниската сала го дочекаа предлогот на Судскиот совет, судијката Добрила Кацарска да биде избрана за судија во Уставниот суд. ВМРО-ДПМНЕ избра наводните аргументи да гi фокусира во еден судски случај, а тоа е насилството во парламентот, познат како „27 април“ кога толпа упадна во парламентот со цел да се ликвидираат политичари и да спречат СДСМ да формира влада, иако имаше обезбедено мнозинство пратеници.
Потоа, со помал интензитет се споменуваше и судскиот процес „Тенк“ во кој Добрила Кацарска ги осуди на затворски казни Никола Груевски и Гордана Јанкуловска. Ова упатува на заклучок дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ водат грижа за кариерата на Кацарска, но само од аспект на случаи во кои таа осудила функционери и членови на ВМРО-ДПМНЕ, без да обрнат на други предмети кои таа ги имала во 30 годишната судиска кариера.
Кацарска низ годините осудила многумина и водела безброј судски процеси, но ВМРО-ДПМНЕ смета дека таа е судијка на власта затоа што го осудила поранешниот претседател на партијата и премиер Никола Груевски, кој со својата сопартијка Гордана Јанкуловска потрошиле стотици илјади евра за луксузнот мерцедес, исто како и насилниците, чија цел беше ликвидација на сега актуелниот премиер Зоран Заев во парламентот. Вреди да се напомене дека ОБСЕ го мониторираше процесот „Тенк“ и во извештајот напиша дека во целото судење биле почитувани законите.
Немајќи вистински аргументи за работата на Кацарска во изминатите три децении, се чини пратениците на ВМРО-ДПМНЕ несвесно „пукаа во празно“ со споменување на овие две судски досиеја. Но, она што повторно беше воочливо дека ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш се стави на страната на насилството и на криминалот. Од одговорна партија се очекува да се дистанцира од насилниците, да ги осуди и да го поздрави нивното затворање, а не да се обидува вината да ја префрла кај судијата што ги осудил. На крајот на краиштата, кај секој судија можеше да се падне предметот, но ако доказите се тие и постојат тогаш сеедно е кој судел.