Ги повикувам нашите европски пријатели да го препознаат моментумот и да не ја пропуштат шансата да се финализира крајот на годината онака извонредно како што започна, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи во обраќање на видео конференцијата посветена за Западен Балкан по 2020 година – акции и одлуки во време на пандемија.
Османи, кој имаше воведно обраќање на панелот посветен на процесот на пристапување во ЕУ и за политичката, економската и социјалната трансформација на регионот, додаде дека посакува „нашите соседи да бидат моторот, а не кочницата во нашиот процес на интеграција и заеднички да ги уживаме придобивките од политичката, економската и социјалната трансформација на регионот“.
Во своето излагање Османи, говореше за заложбите на нашата земја во евроинтегративниот процес, како и за нашите очекувања за навремено усвојување на Преговарачката рамка, при тоа раководејќи се од принципите на новата методологија во преговарачкиот процес.
– Земјите од Балканот припаѓаат на европското семејство – географски, историски, културно, вредносно, и својата иднина ја гледаат како дел од Европската Унија. Перспективата за членство во ЕУ е мобилизирачки фактор кој ги обединува сите општествени чинители и движечка сила за успешно спроведување на реформите и справување со предизвиците со кои се соочуваме на тој пат, потенцираше Османи.