Стамов: Мицкоски кукавички одлучи да бега од изборно соочување во Штип

од Vladimir Zorba
237 прегледи

Мицкоски кукавички одлучи да бега од изборно соочување во Штип, препуштајќи го без борба вмровскиот бастион на истокот. Неговиот повик за одложување на изборите не е ништо друго освен страв од сопствената неспособност и комплексите кои ги има од загубените битки со СДСМ. Да му беше барем малку важно како живеат штипјани овие неполни четири години или да го интересираше притисокот со кој се соочуваа членовите на партијата во Штип, Мицкоски немаше кукавички да се повлече од битката, изјави Борче Стамов од Иницијативата за свикување вонреден конгрес.

Според него, Мицкоски се уплашил дека ќе направи уште едно кадровско промашување и дека членството ќе се увери дека нема капацитет да ја води партијата, па повторно решил да се затвори во својот кабинет и да ужива во привилегиите кои му ги чува скапо платеното партиско обезбедување.

„Мицкоски се откажа од борба за гласовите на разочараните неутрални гласачи и им ги препушти на останатите опозициски партии, порачувајќи им дека не може да се потпрат на него и на ВМРО-ДПМНЕ. Со тоа прави штета и на краток и на долг рок, слабеејќи ги позициите на партијата во наредниот период. Приватното обезбедување и семејната занимација со партијата не смеат да бидат пред интересите на членството на ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните. Делењето на пари по фантомски медиуми, отварањето кафулиња и богатењето на поединци не смее да биде поважно од судбината на активистите на партијата и граѓаните кои очекуваат подобра иднина. Затоа Мицкоски мора да си замине“, рече Стамов.