Гласачките ливчиња можеа да бидат испратени и од Марс. Мртви луѓе можеле да ги испратат. Канаѓани. Или Демократскиот национален комитет. Бајден, колку што знам, можеше да гласа за себе 50 или 5.000 пати. Елитата едноставно сака да ги украде изборите, се серија обвинувања изнесени од правниот советник на Доналд Трамп, Руди Џуилиани на митинг во средата.
Планот се подготвуваше со месеци. Беше избрусен до најмалите детали. Требаше да бидат опфатени сите сценарија. Планот беше ризичен. Удри во темелите на американската демократија: правото на сите Американци да го дадат својот глас во согласност со правилата утврдени со закон. Но за Трамп осигураше дека, барем некое време, ќе остане во игра. Ако, се разбира, работите тргнат во неповолна насока за него.
Отпрвин се чинеше дека Трамп нема ни да има потреба да го активира планот. Првите резултати покажаа дека води практично во сите клучни држави. Демократите изгледаа потиштено. Нивниот кандидат Џо Бајден значително заостануваше во средините каде се водеа најжестоките битки.
Но, како што течеше изборната ноќ, ситуацијата започна да се менува. Јазот меѓу Трамп и Бајден започна да се намалува. Демократскиот кандидат во еден момент поведе во Висконсин. Потоа во Мичиген. Во Пенсилванија, каде што Трамп првично имаше огромна предност, јазот започна брзо да се намалува. Тоа беше ладен туш за Трамп и неговите соработници.
Потоа дојде моментот да се реализира нивниот план.
За сè требаше да се обвини – гласањето со преписка. Иако со месеци велеше дека постои опасност од кражба на изборите, тој не го оспори поштенското гласање во земјите каде сметаше на победа.
Неговото внимание всушност беше насочено кон само три клучни држави: Пенсилванија, Висконсин и Мичиген. Каде се знаеше дека трката ќе биде тесна. Токму во репрезентативните тела на тие држави, републиканците го блокираа донесувањето на правила што ќе овозможат пребројување на гласовите добиени по пошта, паралелно со собраните гласови на избирачките места.
Наместо тоа, гласовите со преписка дојдоа на ред кога беа преброени оние од избирачките места. Тие гласови – доминирани од околу 80 проценти од регистрираните демократски гласачи од големите урбани области – го сменија балансот на силите во Висконсин и Мичиген. И се заканија на победата на Трамп во Пенсилванија.
Токму овој маневар на републиканците му овозможи на Трамп да објави победа ноќта на изборите, во време кога гласовите со преписка сè уште не беа преброени. И меѓу неговите приврзаници се создаде впечаток дека изборите завршија. И дека сè што ќе се случи после тоа е измама.
Тие воопшто не ги оспоруваат гласовите со преписка од Аризона, бидејќи тие се оние кои можат да му донесат пресврт на Трамп во таа држава. Ни оние во Флорида или Охајо, каде победи Трамп. Само оние во кои гласовите пристигнати по пошта му дадоа предност на Бајден: Висконсин и Мичиген.
Токму тука персоналот на Трамп побара пребројување на гласовите. И најави вклучување на Врховниот суд во расчистување на обвинувањата за изборна кражба. Слична акција е најавена и во Пенсилванија. Дополнителна доза на драма секако претставуваат и радикалните приврзаници на Трамп кои се подготвуваат за големи демонстрации доколку изборите не завршат како што би сакале. Од тој хаос кој го креираше, Трамп цели да профитира. И победата, ако не успее да ја добие на теренот, ќе се обиде да ја добие на зелената маса.