Мандаторот за состав на новата Влада на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ, изјавил дека на состанокот на претставниците на партиите од победничката коалиција, предложил министерот за одбрана да биде Дритан Абазовиќ, но дека тој предлог не бил добро прифатен.
„Мојот предлог, кој вчера им го соопштив на сите, е дека тоа е гест на морален пристап, каде што мојата чест и правда наредија Дритан Абазовиќ да биде министер, бидејќи тој е единствениот лидер на коалицијата кој досега не беше спомнат. Тоа не најде наклоност кај останатите, па сепак го оставив местото отворено“, рекол Кривокапиќ за програмата „NewsMaxAdria“.
Тој смета дека е многу морално, иако можеби непринципиелно во однос на утврдените принципи за експертската влада, позицијата министер за одбрана да му припадне на Дритан Абазовиќ.
„Затоа што да не беше неговата „Црно на бела“ коалиција, денес немаше да зборуваме за нова влада“, рече Кривокапиќ.
На прашањето што ќе се случи ако неговата влада не добие доверба, Кривокапиќ соопштил дека тоа е најлошата опција и дека е свесен за сите можни последици.
„Тоа е најлошата варијанта, но 41 глас е единствената мерка за поддршка. Доколку оваа влада не биде изгласана од собранието, ќе започне следната постапка, но мислам дека граѓаните не го сакаат тоа. Свесен сум за сите можни последици. Побарав 200 дена никој да не ме напаѓа, го направив тоа што зависи од мене. Сега останува на политичарите да кажат што сакаат. Јас се занимавам со иднината, не ме интересира минатото или заслугите“, рекол Кривокапиќ.