Гојазноста – еден од факторите за фатален исход во борбата со Ковид-19

од Vladimir Zorba
780 прегледи

Случајот со 27 годишното момче од Липково кое почина од Ковид-19 без какви било хронични заболувања освен покачена телесна тежина е само последен во низата пацинети кај кои гојазноста се покажа како фатален фактор. Согласно oбработените податоци од Институтот за јавно здравје од 23 септември, прекумерна дебелина е регистрирана кај 42 позитивни лица. Од нив 13 завршиле со смртен исход.

„Прекумерната дебелина е дефинитивно сериозен ризик фактор во случај на заболување од коронавирус, бидејќи овие луѓе често имаат придружни заболувања како дијабетес, астма, срцеви заболувања“, изјави за „Локално“, директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје, д-р Александар Стојанов.

Проблемот се мултиплицира ако се земат предвид предупредувањата на лекарите според кои Македонците се меѓу најдебелите во регионот, но и дека се поголем процент од децата во нашата држава, имаат покачена телесна тежина. Во насока на овие тврдења се и последните податоци од Институтот за јавно здравје од 2016 год. според кои 62,7 отсто од мажите и 48,4 отсто од жените на возраст над 18 години имаат зголемена телесна тежина (Индекс на телесна маса 25,0-29,9), а дебели се 19,6 % и 17,2% од нив (Индекс на телесна маса 30,0- преку 40).

Преваленцијата на зголемена телесна тежина во 2016 споредено со 2010 година бележи пораст и тоа кај машките деца од 37,9 на 39,4 отсто, а кај девојчињата од 31,5 на 32,9 отсто. Преваленцата на дебелина е зголемена кај момчињата од 19,5 на 20,5 отсто, а кај девојчињата од 13,1 на 15,2 отсто.

„Младите лица кои имаат прекумерна телесна тежина добиваат заболувања карактеристични за повозрасната популација, па така на пример имаат крвни садови како постарите лица“, вели професор д-р Никола Пановски.

Тој објаснува дека вирусот предизвикува тромбоза, односно мали згрутчувања на крвта насекаде во телото, што е и основната причина поради која кај пациентот може само за неколку часа да настапи смрт.

Прекумерна дебелина се смета дека имаат лицата со индекс на телесна маса (БМИ) 30 или повеќе. Испитувањата покажаа дека ваквиот висок индекс е главен фактор на ризикот од Ковид-19, како што е и коронарната болест на срцето. Пневмонијата го оптеретува кадриоваскуларниот систем, а ако тој систем е веќе оштетен ова може само да го надвладее. Пановски набројува неколку фактори за зголемување на телесната тежина кај нашите граѓани. Меѓу основните ги посочува начинот на исхрана и недоволното движење.

„Луѓето секаде одат со автомобил, а спортските обложувалници станаа наш основен спорт“, вели Пановски.

Во слична насока размислува и д-р Владимир Аврамовски од Клиниката за гастроентерохепатологија.

„Живееме во состојба на континуиран стрес, без дефинирани работнички права и без соодветна превентивна медицина“, вели Аврамовски.

Како проблем тој го посочува фактот дека во во пакетот здравствени прегледи за вработените што мора работодавачот да ги обезбеди најмалку на секои 24 месеци не постои задолжителна обврска за мерење на индексот на телесна маса (ИТМ).

„Никој не води сметка за се поголемиот проблем со дебелината во земјава, вели Аврамовски, а за тој да се надмине потребно е да се поработи на превентивната медицина но и да им се дадат насоки на матичните лекари.

„Кога последен пат матичниот лекар ве прашал дали сте ја покачиле телесната тежина, колку килограми имате, а колку сте високи? Не верувам дека тоа некогаш ви се случило“, категоричен е Аврамовски.

Како голем недостаток д-р Аврамовски, го посочува и проблемот со недоволното практикување на физичкото воспитување во училиштата. Сето ова е, вели, сосема спротивно на ситуацијата во поранешната СФР Југославија каде спортот се промовораше и имаше искличително важно место во општеството.

Светските истражувања покажуваат дека прекумерната тежина е проблем на сите региони, освен во државите на Субсахарска Африка и Азија. Токму ова е причина за 4 милиони смртни случаи секоја година. Најголем процент на деца со прекумерна тежина е регистриран во земјите во развој и тој е за 30% повисок од оној во развиените земји.

К.В.С.