Словачкиот премиер: „Откривме нуклеарно оружје против Ковид-19!“

од Vladimir Zorba
375 прегледи

Словачка во саботата започна втор круг на национално тестирање на коронавирус, откако првиот бран минатата недела покажа повеќе од еден процент, од 3,6 милиони тестирани, позитивни на вирусот.

„Буквално откривме нуклеарно оружје против ковид-19“, рече премиерот Игор Матович пред новинарите во петокот, пофалувајќи го големиот одѕив на неговите сограѓани на тестовите спроведени минатата недела.

„Верувам дека ако стигнеме до одѕив од два милиони луѓе, сите можеме да си честитаме“, рече Матович.

Антигените тестови даваат брзи резултати, понекогаш се доволни само неколку минути, но тие не се сметаат за толку сигурни како ПЦР-тестовите, во кои брис од нос и грло се испраќа на анализа во лабораторија.

Минатиот викенд биле извршени тестови за антиген на 3.625 милиони луѓе, од кои 38.359 или 1,06 проценти биле позитивни. Словачка има вкупно 5,4 милиони жители.

Во саботата, тестирањето се одржува во 45 од вкупно 79 словачки области со најголем процент на позитивни случаи. Помеѓу 8 и 20 часот по локално време, Словаците ќе можат да бидат тестирани на повеќе од 2.700 места во земјата.

„Состојбата со новиот коронавирус во Словачка се подобрува“, рече во петокот министерот за здравство Марек Крајчи, истакнувајќи дека бројот на заразени во земјата е помал поради помалото движење на населението.

На 1 октомври, словачките власти прогласија вонредна состојба во земјата за 45 дена. Последователно, владата воведе полициски час со неколку исклучоци.

Според владината уредба, сите оние кои не учествувале во масовниот тест за Ковид-19 и оние кои немаат потврда за негативни резултати од ПЦР тест, мора да останат во изолација до 14 ноември.

Луѓето кои не биле тестирани не смеат да присуствуваат физички на работа, но можат да купат намирници и други средства за домаќинство и хигиенски средства, како и да одат во аптека и во здравствена установа.

Во Словачка, има голем пораст на бројот на нови случаи со коронавирус во последните неколку недели, иако сè уште е под просекот на ЕУ.

Во саботата се регистрирани 2.579 нови случаи на заразени, а вкупниот број е 73,667 случаи. Од почетокот на пандемијата во Словачка, 351 лице починало како резултат на Ковид-19.