Иако Џо Бајден беше именуван за нов претседател на САД, Доналд Трамп не се откажува од приказната дека имало изборни кражби и други нерегуларности.
„На набљудувачите не им беше дозволено да влезат во просториите за броење на гласови. Јас победив на изборите, освоив 71 милион легални гласови. Се случија лоши работи што нашите набљудувачи не можеа да ги видат. Ова никогаш не се случило порано“, напиша Трамп на Твитер, а социјалната мрежа повторно го обележа неговиот пост како непроверена информација.
„71 милион гласови – најмногу досега за претседател кој се бори за втор мандат“, додаде тој.
Сепак, тој не спомна дека неговиот противкандидат Бајден освоил околу 75 милиони гласови, што е исто така рекорд во историјата на изборите во Америка.
Да потсетиме, Бајден беше прогласен за претседател откако беше објавено дека ги освоил Пенсилванија и Невада и со тоа добил доволен број изборни гласови.