Илхан Ќучук, известувачот во Европскиот парламент за С. Македонија, во интервју за телевизија „Клан“ објаснува дека доколку не се одржи меѓувладината конференција тоа ќе биде „пораз за сите, и за С. Македонија, но и за Бугарија и за самата Европска Унија“.
Според него граѓаните на С. Македонија заслужуваат подобра иднина и членство во Унијата. Затоа тој смета дека историјата мора да ја преговараат историчарите, но политичарите се оние кои мора да внимаат на другите интегративни процеси.
„Германската канцеларка покажа дека силно ја поддржува европската интеграција на регионот. На Берлинскиот процес гледам како на олеснителен лост за решавање на проблемите. Од друга страна, знам кои теми се тешки а тешкотиите секогаш доаѓаат од историјата. Дискутирањето за историјата е секогаш тешка дискусија низ целиот Западен Балкан. Да им ја оставиме историјата на историчарите, барем на некое време. Да се фокусираме на идните генерации. Ако имаме улога како политичари, мора да ја исполниме истата. Дел од оваа улога е да ги охрабриме историчарите да зборуваат поотворено, да одат понатаму и подлабоко за пристапот кон историјата. Постои шанса за лидерите на двете земји да покажат храброст пред своите граѓани. Ако ме прашате дали има ризици, секогаш постојат ризици. Потпишувањето на Договорот од Преспа беше ризик за обете страни. Потпишувањето на Договорот со Бугарија беше ризик, но сега е време да се погледне подлабоко и да се постави прашањето: „Дали сакате да ги видите Западен Балкан и С. Македонија во Европската унија? Дали сме навистина семејство? Ако отсекогаш сме велеле дека сме семејство, што правиме за семејството, како го штитиме неговиот интерес?“- прашува Ќучук во интервјуто за телевизија „Клан“.
Тој наведува дека постои разлика помеѓу договорите со Грција и со Бугарија и нагласува дека пријателството со неговата држава е процес кој ќе трае подолго.
„Постои голема разлика помеѓу Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија. Договорот од Преспа беше договор каде врските практично се раскинуваат, се прави разликата помеѓу двете цивилизации, додека Договорот за добрососедство со Бугарија е нешто сосема друго. Не очекуваме ништо. Почнуваме да го градиме нашето пријателство засновано врз историски факти. Ова ќе трае подолго време. Ова не е крај на приказната, каде што завршува проблемот. Тоа е тековен процес. Ние може да се навратиме на проблемите од време на време, но ова е тековен процес. Да речеме дека Бугарија ќе се врати на прашањето за 5-6 години и другите земји ќе можат да ги решаваат ваквите прашања со земјите кандидати. Значи, ќе има многу можности за решавање на вакви теми во иднина. Не можеме да очекуваме историчарите да најдат лесен одговор на толку тешко прашање. Да се зборува за историја е секогаш болно. Но, професионалците нека си ја завршат својата работа. “- изјави Кјучјук.