Трамп: Ќе победам во Џорџија, откриваме шокантни работи во Невада

од Vladimir Zorba
380 прегледи

Претседателот на САД и републикански кандидат Доналд Трамп тврди дека ќе постигне голема победа на изборите во државата Џорџија.

„Џорџија ќе биде голема претседателска победа, како што беше и на изборната вечер“, сподели Трамп на Твитер.

Тој се осврна и на ситуацијата во Невада, за која рече дека испаднала „септичка јама на лажни гласови“.

Трамп изјави дека неговите соработници откриваат работи кои, кога ќе бидат објавени, ќе бидат „апсолутно шокантни“.

Што се однесува до Пенсилванија, тој рече дека сојузната американска држава ги спречила републиканците да следат поголем дел од пребројувањето на гласачките ливчиња.

„Незамисливо и незаконско во оваа земја“, вели Трамп.

Тој додаде дека ситуацијата во Висконсин изгледа многу добро.

„Законски, потребно е малку време. Тоа ќе се случи наскоро“, изјави Трамп, но тој не прецизираше што сакал да каже.

Трамп, исто така, најави дека излегува дека „прагот на идентификација“ на гласачките ливчиња е поголем отколку што првично се очекуваше.

„Тоа влијаеше на многу голем број гласачки ливчиња“, изјави Трамп, но не е јасно што мислеше сегашниот претседател на САД.

Трамп прогласи победа ноќта на изборите, но во меѓувреме, гласовите во полза на неговиот демократски противник почнаа да се зголемуваат во некои од клучните земји, вклучувајќи ги и оние во кои Трамп беше во водство.

Трамп и републиканците најавија правни постапки во државите во кои Бајден направи пресврт во резултатот со цел да се оспорат начините на пребројување на гласовите пред судот, пред се оние што пристигнале по пошта по денот на изборите.

Поддршка за Трамп од страна на републиканските лидери во Конгресот

Лидерот на републиканското мнозинство во американскиот Сенат, Мич Меконел, изјави денес дека претседателот Доналд Трамп треба да испита дали имало „неправилности“ на претседателските избори минатата недела.

Во говорот во Сенатот, Меконел не го признава Џо Бајден за избран претседател и Камала Харис за избран потпретседател, пренесува Ројтерс.

„Претседателот Трамп има стопроцентно право да ги разгледа наводите за неправилности и правните опции“, рече Меконел.

Републиканскиот лидер во Претставничкиот дом, во кој демократите имаат мнозинство, Кевин Мекарти во неделата за „Фокс њуз“ изјави дека треба да се слушнат сите правни аргументи пред Американците да решат „кој ја добил трката“.