Најмалку тројца медицински работници од Сибир кои ја примиле руската вакцина Спутник V како дел од кампањата за вакцинација, се заразиле со коронавирус, објавија во вторникот регионалните власти, пишува „Moscow Times“.
Производителот на вакцината базирана на аденовирус претходно велеше дека примателите заразени за време на последните клинички испитувања, може да добиле плацебо. Низ целата земја, избрана група на медицински лица и наставници се вакцинираат со Спутник V, додека 40.000 доброволци се вакцинирани во Москва.
Официјални лица во регионот Алтај објавија дека тројца од 42 медицински лица кои примиле две дози вакцина Спутник V биле заразени со коронавирус, пренесува државната новинска агенција ТАСС.
– Имунитетот на заболените лекари веројатно не се формирал сè до моментот кога наидоа на патогенот Ковид-19, објави администрацијата на регионот Алтај. –
„Само ова можеше да предизвика инфекција кај лекарите“, се додава.
Регионот Алтај, кој е 18-ти по бројот на инфекции со коронавирус од 85 руски региони, треба да ја добие втората серија од 2.000 дози вакцини Спутник V на почетокот на 2021 година, јави ТАСС.
По сличното соопштение од „Фајзер“ и „БиоНТех“, руското Министерство за здравство во понеделникот соопшти дека Спутник V е исто така поефикасен од 90 проценти, поточно 92 проценти. Процентот се базира на податоците собрани од спроведените вакцини наместо од тековните испитувања за вакцини во фаза 3, објави Ројтерс.
Спутник V се соочува со недостиг на опрема што може да го одложи масовното производство, рече претседателот Владимир Путин претходно во ноември, додека извештаите сугерираат дека производителите ги паузирале клиничките испитувања поради тој недостиг.
Рекорден број Руси се заразија и починаа од Ковид-19 во последните неколку недели, откако властите постепено воведоа насочени ограничувања за да го забават неговото ширење и да ги зголемат надежите за масовна вакцинација.