Бесплатна вакцинација против сезонски грип за здравствените работници

470 прегледи

За првпат оваа година вакцината против сезонскиот грип ќе биде бесплатно достапна за здравствените работници и тоа во нивните матични установи, а не како досега во Центрите за јавно здравје.

Имено, сите оние работници кои се пријавиле да ја примат ваквата вакцина, ќе имаат можност да ја искористат оваа привилегија.

На овој начин, велат од Министерството за здравство, вакцината ја прават подостапна за сите здравствени работници, бидејќи се истите дел од ризичната категодија. Ова следува по пандемијата и условите создадени во време на Ковид 19, каде заштитата за нив е и повеќе од неопходна. Од таму велат дека до установите се обезбедени 2790 вакцини и истите во најбрз можен рок ќе бидат испорачани, ако треба и дополнети, поради големиот интерес кај здравствените работници.

За потсетување, во вторникот започна вакцинацијата против сезонскиот грип, а граѓаните преку Мој Термин и својот матичен лекар можат да дојдат до термин. За оваа година, набавени се 40.000 дози, 12.000 дози повеќе од минатата година. Трета година е обезбедена бесплатна вакцинација за лица над 65 години, лица со хронични заболувања, бремени жени, здравствени работници и деца до 5 години.

„Како никогаш досега, оваа сезона од особена важност е спроведувањето на вакцинацијата против грип кај здравствените работници, со што ќе се намали заболување помеѓу нив и другите даватели на здравствени услуги кои се од суштинско значење во одговорот на коронавирусот“, велат од ресорното министерство за здравство.

Слични содржини