Вработените во грчките болници протестираа поради недостаток на медицински персонал

од Stefanija Kuzmanovska
460 прегледи

Во грчките болници десетици вработени протестираа денеска, барајќи ангажирање на поголем број медицински персонал, додека земјата се бори да го запре повторниот раст на коронавирусот, што доведе до нов локдаун.

Поради зголемениот број на сериозно болни лица со КОВИД-19, здравствениот систем во земјата е под се поголем притисок.

Грција има вкупно 1.104 кревети на интензивна нега, од кои 496 се издвоени за пациенти со коронавирус, од кои 335 беа пополнети синоќа.

Владата нагласи дека значително ги зголемила капацитетите, наведувајќи дека имало вкупно нешто повеќе од 500 кревети на интензивна нега во Грција кога дојде на власт по изборите во средината на 2019 година.

За време на избувнувањето на пандемијата пролетта, Грција воведе рана блокада, што резултираше со мал број смртни случаи и тешко заболени. Новиот бран на вирусот оваа есен доведе до брзо зголемување на бројот на луѓе на интензивна нега и нагло зголемување на бројот на смртни случаи.

Во Грција, која има околу 11 милиони жители, според последните податоци од синоќа, биле заразени вкупно нешто повеќе од 63.300 лица, а 909 починале од последиците на коронавирусот.