Селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски по победата над Грузија со 1:0 и пласманот на Европското првенство истакна дека многумина се одговорни за историскиот триумф, вклучително и играчите кои не можеа да ја поддржат екипата во Тбилиси.
Решавачкиот гол го постигна 37-годишниот Горан Пандев по одличната акција на гостинскиот тим во 56-тата минута.
„Ви благодарам за честитките, но треба да испратите честитки до моите играчи, и не само до оние кои се тука. Едно момче лежи вечерва во кревет – Енис Барди. Уште некои не се со нас, но тие се и дел од успехот“, истакна Ангеловски и додаде: „Македонија имаше еден херој кој беше оспоруван – Александар Велики. Но, никој не може да го оспори Горан Велики“.
Нашите репрезентативци се враќаат од Грузија во текот на ноќта и веднаш ги започнуваат подготовките за натпреварот со Естонија, кој е закажан за в недела.