Жоан Мир нов светски шампион во МотоГП

од Vladimir Zorba
371 прегледи

Возачот на Сузуки, Жоан Мир за прв пат во својата кариера ја освои шампионската титула во МотоГП. Тој го освои седмото место во трката за Големата награда на Валенсија, на која победи Франко Морбидели од Петронас Јамаха.

Морбидели по голема борба во последниот круг го совлада Џек Милер од Дукати, а третото место во Валенсија го освои Пол Еспаргаро од екипата на КТМ Рејсинг.

Морбидели ја заврши трката за 41 минута, 22,478 секунди, Милер заостана 0,093 секунди, а третопласираниот Еспаргаро беше на 3,006 секунди од првото место.

Мир трката ја започна од 12-тото место, но на крајот успеа да стигне до позицијата што му ја донесе титулата. Тој ја заврши трката со 8.703 секунди заостанување зад победникот.

Во пресрет на последната трка во шампионатот, Мир има 171 бод, 29 повеќе од второпласираниот Морбидели, а третопласираниот возач на Сузуки, Алекс Ринс, има 138 бода. Ринс денеска беше четврти.

Мир на тој начин ја донесе првата титула за Сузуки по 20 години, кога Кени Робертс јуниор беше најдобар.

Шпанецот ја оствари својата прва победа во „кралската“ класа оваа сезона, а тој беше возачот со најмногу пласмани на подиумот – седум.

Сега е двократен светски шампион, бидејќи беше најдобар во Мото3 шампионатот во 2017 година.

Последната трка на шампионатот ќе се одржи следната недела во Португалија.

Слични содржини