Министерот за здравство, Венко Филипче претпладнево одржа состанок со директорите на сите клиники од клиничкиот комплекс Мајка Тереза во Скопје, на кој беше разгледана моменталната епидемиолошка состојба во однос на бројот на позитивни и болни пациенти.
-Ја разгледуваме можноста за отварање на нови ковид центри – дополнителни капацитети на сите клиники. Ова е заклучокот од денешниот состанок со директорите на скопските клиники. Деновиве работиме на средување на доводот на гасови на Клиниката за уво, нос и грло, како и на Клиниката за очни болести кои до крајот на неделава се планира да почнат да примаат пациенти. Според епидемиолошката слика, очекуваме во периодот кој следи да има се повеќе исписи на пациенти и да се намали приливот на нови болни. Но, мора да бидеме подготвени за секакво сценарио, вели Филипче.