И кога надворешната температура преку ден ќе биде до 16 степени целзиусови, БЕГ ќе мора да испорачува парно во домовите, стои во измените, кои ги одобри Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), со кои се дополнуваат мрежните правила за дистрибуција на топлина, со кои се предвидува зголемување на температурните граници при прекин на работа на топланите.
Оттаму објаснуваат дека измените следуваат со цел да се зголеми комфорот на потрошувачите приклучени на системот за централно греење кои во услови на пандемија се приморани подолго време да престојуваат во своите домови.
„Ги повикувам компаниите за зголемена општествена одговорност во состојба на пандемија. Воедно ги информирам потрошувачите дека се разгледува можноста за прекршочна постапка поради непочитување на одредби од Законот за енергетика и обврските дефинирани со лиценцата за вршење на енергетската дејност“, изјавил Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.