По потпишувањето на Договорот за добрсоседство меѓу Бугарија и Република Македонија, двете земји ја пропуштија можноста да работат на него, изјави заменик-директорот на Европскиот совет за надворешни односи, Весела Чернева, цитирана од бугарските медиуми.
Според неа, „Македонците веруваат дека го нападнавме нивното право на национално самоопределување и затоа нивната реакција е толку емотивна“.
„Договорот за добрсоседството е добра рамка, тој зборува не само за историската комисија, туку и за инвестиции, научна и културна размена. Овие практични димензии на договорот не се реализирани. Тука се поставува прашањето дали постои вистинска желба или тоа е само тема за политичка употреба“, објасни Чернева.
Таа рече дека со наметнатото вето на преговорите на С. Македонија за членство во Европската унија, Бугарија предизвикала разочарување на меѓународната сцена.
„Изгледаме како земја што ги изгуби симпатиите на своите соседи, не само на С.Македонија, на целиот Балкан. Бидејќи го запревме проширувањето, ставивме кочница на целиот процес“, додаде таа.
Чернева коментираше дека со оваа одлука „истуривме вода во воденицата“ и на бугарската и на македонската ВМРО. Според неа, постои пат назад и покрај категоричната позиција на Бугарија.
„Постои опција, јас сум оптимист. Мислам дека по гласањето на буџетот во Бугарија, кога коалицијата нема да биде толку витална, можеби ќе има можност да се вратиме на здравиот разум“, рече таа.
Заменик директорот на Европскиот совет за надворешни односи посочи дека за оваа цел е потребна Декларација од македонска страна, во која треба да се постават бугарските барања – името Северна Македонија се однесува само на територијата на РС Македонија, за јазикот да биде јасно дека ова е формата кодирана по 1945 година и отфрлање на тврдењето дека во Бугарија има македонско малцинство.