Скопје подготвено за снег

од Берта Китинска
301 прегледи

За претстојната зимска сезона обезбедени се околу 4.000 тони индустриска сол, од кои околу 1.000 тони се залиха од минатата година информираат градските власти.

Градоначалникот Шилегов денеска го посети пунктот на зимската служба во кругот на фабриката „Железара“ и се увери дека обезбедени се и 350 тони ладна асфалтна маса за санација на оштетените сообраќајни површини.

„Градот Скопје и годинава, како и во изминатите четири години е подготвен за претстојната зима и зимското одржување на улиците за кои е надлежен, а снегот и оваа година нема да ја изненади зимската служба“, порача Шилегов.

Обезбедените ресурси на зимската служба се складирани во трите пункта на ЈП „Улици и патишта“ – асфалтната база на ЈП „Улици и патишта“ во кругот на фабриката „Железара“, Стара механизација на улица Христо Татарчев во Кисела Вода и во Ѓорче Петров на улица Лепенец. Во пунктовите се организирани 24 часовни дежурства, а ресурсите ќе се употребуваат согласно со временските услови.

ЈП „Улици и патишта“ со Оперативниот план за функционирање на зимската служба е носител на активностите за зимското одржување со целокупната механизација и расположливиот кадровски потенцијал. И оваа година Град Скопје ќе ангажира дополнителна механизација од 18 камиони од фирмата „Аполо“, кои се опремени со навигациски уреди.

Во текот на зимската служба коловозните ленти ќе се расчистуваат според приоритетите, како што се критичните точки, пристапите до објектите од витално значење за граѓаните и сообраќајниците од посебно значење за функционирање на сообраќајот до стопанските објекти. Преостанатите јавни претпријатија, како и Општините во градот, се задолжени во рамките на програмата и своите надлежности да обезбедат механизација и опрема, а имаат изготвено и посебни подпрограми за расчистување на јавните површини во зимски услови.

Кризниот штаб апелира до граѓаните, урбаните заедници, куќните совети и претпријатијата навреме да преземаат мерки за отстранување на возилата од коловозите, расчистување на пешачките приоди, приодите до објектите и покривите на објектите. Во спротивно, полицијата и комуналните инспектори, врз основа на Законот за јавната чистота, ќе изрекуваат казни.

Зимското одржување на градските улици и булевари завршува на 15 март 2021 година.

Слични содржини