Мицкоски: Прашањето за поддршка и не поддршка на онлајн гласање е прашање дали поддржувате кршење на Уставот или не

од Nikola Popovski

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при своето гостување во централниот дневник на телевизија Сител потенцирал дека прашањето за поддршка и не поддршка на онлајн гласање е прашање дали поддржувате кршење на Уставот или не.

„Нашиот став од сам почеток уште од кога јас сум претседател еве и овие три години е дека не поддржуваме кршење на Уставот и неуставни творби нема да поддржиме, вклучително и онлајн гласање. Ние не сме доведени во ситуација да не можеме да формираме мнозинство во Парламентот од 61 пратеник. Кога тоа ќе се случи тогаш би размислувале за некои други варијанти но не и кршење на Уставот. Ќе ве потсетам пред изборите токму овие од владиното мнозинство не повикуваа да го кршиме Уставот и во ек на пандемија, вонредна состојба да се вратиме назад во Парламентот. Тогаш Парламентот можеше да заседава без онлајн седница. Лицемерие е“, смета Мицкоски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери за в четврток ја закажа седницата за измени на Деловникот за онлајн парламент. Но засега е неизвесно изгласувањето на измените бидејќи мнозинството ги нема потребните 61 глас, поради тоа што дел од нивните пратеници се во изолација или се заразени со Ковид 19.

Пратеникот на ВМРО, Никола Мицевски вели дека власта сака да одржува седници онлајн бидејќи нема доволен број на пратеници, додека пратеникот на коалицијата Алијанса- Алтернатива, Скендер Реџепи искоментира дека власта има намера да прави измени во деловникот како во времето на Груевски.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски пак се надева дека сите пратеници ќе го поддржат предлогот за онлајн Собрание за тоа да не биде блокирано поради заболени и изолирани пратеници.

Слични содржини