Англија добива нови мерки кои ќе го заменат „заклучувањето“ поради Ковид-19

од Vladimir Zorba
211 прегледи

Британскиот премиер Борис Џонсон во понеделникот ги претстави новите мерки кои се замена за „заклучувањето“ поради Ковид-19 во Англија на 2 декември, зајакнувајќи го претходниот регионален пристап за обид за повторно отворање деловни активности каде што стапката на инфекција е помала.

Нешто повеќе од две недели откако воведе затворање во Англија за да се обиде да го намали зголемувањето на бројот на случаи, Борис Џонсон рече дека мерката ја намали стапката на инфекција и ќе биде олеснета на 2 декември, како што беше ветено.

Тој исто така е под притисок на пратениците од неговата Конзервативна партија да го укине затворањето и многумина се заканија дека ќе гласаат против какви било нови ограничувања што ги сметаат за премногу штетни за економијата, освен ако нема докази дека тие ефективно го спречуваат ширењето на заразата.

„Се враќаме … на регионален пристап“, рече тој во виртуелното обраќање до парламентот од неговиот дом, каде што се наоѓа во самоизолација.

Обидувајќи се да ја смири загриженоста на скептиците во неговата партија, Џонсон рече дека мерките ќе траат до крајот на март.

„Ова ќе биде тешка зима, Божиќ не може да биде нормален и далеку е пролетта. Но, ние ја поминавме критичната точка и излезот е на повидок“, рече тој.

„Мораме да се спротивставиме на вирусот сè додека тестирањето и вакцините не не спасат и не ја намалиме потребата од ограничувања.

После неговата изјава, додека одговараше на прашања од пратениците, видео-врската беше прекината и мораше да ја преземе министерот за здравство Мет Ханкок.

Но, пораката до партијата е јасна: апел да се гласа за нови мерки следната недела за да се обезбеди болниците да ја преживеат зимата кога ќе се зголеми бројот на заразени.

Барањето да се остане дома ќе престане да важи и патувањето ќе биде дозволено во зависност од регионалните упатства.

Спортски сали, продавници, центри за забава ќе можат повторно да се отворат. Богослужби, свадби и спортови на отворено може да се одржуваат повторно.

Правилата за работното време на пабовите, рестораните и баровите исто така ќе се променат, така што „последните нарачки“ ќе бидат во 22 часот и ќе се затворат во 23 часот, се разбира во зависност од стапката на инфекција во областа. Претходно, полицискиот час започнуваше во 22 часот.

Велика Британија во понеделникот регистрираше 15.450 нови случаи на Ковид-19, со што вкупниот број достигна 40.504 во последните седум дена, што е за 23 проценти помалку од претходниот седумдневен период.

Во понеделникот, пријавени се 206 смртни случаи од ефектите на Ковид-19, покажуваат владините податоци. Вкупниот седумдневен биланс на жртви, 3.084, пораснал за шест проценти.

Велика Британија има најголем број смртни случаи од вирусот во Европа.

Велика Британија е на пат да има широко достапни вакцини за Ковид-19 до пролет, откако вакцината развиена од Универзитетот во Оксфорд и „АстраЗенека“ покажа во испитувањата дека е ефикасна до 90 проценти, изјави во понеделникот шефот на Институтот Џенер за Ројтерс.

Велика Британија обезбеди 100 милиони дози од „АстраЗенека“, 40 милиони дози „Фајзер“ и пет милиони од „Модерна“.