„Имам информација дека овој викенд се распарчува Македонија во Софија и се преговара за иднината на нашиот идентитет. Да не дозволиме и од утре внимателно да ја блокираме Македонија секој нареден ден, да не дозволиме овие луѓе да ни ја продадат верата, нацијата и кожата. Тие одамна си го продале својот ген на ѓаволот“, изјави денеска пред Владата претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на антивладиниот протест организиран од опозициската партија.
Тој до Зоран Заев и Владата, упати порака „на памет да не им паѓа да го начнат македонскиот идентитет“.
– Ви ветувам заедно со овој народ овде тоа диво месо ќе биде хируршки прецизно отстрането, а потоа не само за криминалот и за велепредавствто ќе одговарате, јас ви ветувам кога тогаш. До македонскиот народ, до македонската нација, до Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците, Египќаните, до сите сограѓани – Излезете браќа и сестри и помогнете и на Македонија, рече Мицкоски во говорот пред Владата.
Побара оставка од Заев и нагласи дека нема да престанат со протестите.
– Да не дозволиме Заев да ја менува историјата, туку тој да стане историја. Така ќе ја спасиме и нашта историја и нашето достоинство и само така ќе успееме да обезбедиме иднина. Оставката е неминовна. Сите филмови од овој човек се јасни и веќе видени, рече Мицкоски на протестот пред Владата.