Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон може да се вакцинира во живо на телевизија за да покаже дека вакцината против ковид-19 е безбедна, но речиси сигурно нема да добие доза пред оние на кои што им е најпотребна, соопштила неговата портпаролка.
56-годишниот Џонсон, кој помина извесно време на интензивна нега кога му беше потврдено дека има инфекција со коронавирус на почетокот на оваа година, го поздрави одобрувањето на вакцината од страна на „Фајзер“ и го прогласи за глобална победа и трошка надеж во пандемијата што ѝ наштети на економијата и го отежнува секојдневието.
Но, како и другите водачи, Џонсон нема да ја прими вакцината пред најранливите групи на луѓе. Сепак, тој сака да покаже дека вакцината е безбедна и да се обиде да ги убеди другите да се вакцинираат веднаш штом ќе стане достапна за општата популација, објави во средата Ројтерс.
„Не мислам дека тоа е нешто што тој би го отфрлил“, изјавила владината портпаролка Алегра Стратон на прашањето дали вакцинирањето на британскиот премиер ќе се емитува на телевизија.
„Но, мислам дека исто така знаеме дека тој нема да добие доза што треба да биде наменета за некој од екстремно ранливите групи, клинички ранливите и за некој што треба да ја добие пред него“, додала таа.
Џонсон рече дека вакцинацијата ќе биде доброволна. Резултатите од истражувањето на „YouGov“ покажуваат дека 20 проценти од Британците не се убедени или не се целосно убедени во безбедноста на вакцината. 66 проценти од нив ја поддржале идејата министерот за здравство Мет Хенкок да добие доза од вакцината, прикажан на телевизиски пренос.