Вчера 33 пациенти ја загубија битката со коронавирусот .Според нделниот извештај на ИЈЗ забележано е намалување на болните со ковид 19.
Први вакцината против Ковид 19 ќе ја примат здравствените работници
Министерот за здравство Венко Филипче, во врска со вакцините за ковид-19, вели дека веќе се работи на групите на граѓани за кои ќе има препорака да ја примат оваа вакцина.
-Здравствениот систем го подготвуваме за вакцинација за ковид-19. Ова ќе биде една од најголемите логистички операции која ќе треба да ја спроведеме. Вакцинирањето ќе го спроведат лекари и медицински сестри кои во овој момент не работат со ковид пациенти. Делот на прием, чувањето на вакцините, дистрибуцијата до местата каде ќе бидат аплицирани веќе планот е во завршна фаза, но во текот на следната недела ќе организираме и една вежба на терен како тоа би изгледало. Препораката е први да бидат вакцинирани здравствените работници, вработените во војската и полицијата, сите јавни службеници, во јавниот транспорт, хроничните болни сите критични групи согласно мислењето на експертите, вели министерот.
Лекарите советуваат
Лекарите велат дека антибиотиците дејствуваат врз бактерии, а не врз вируси и дека тие може да бидат препишани за да се избегне или излекува бактериска инфекција.
„Антибиотици не треба да се земаат на своја рака, ниту пак превентивно. Тоа важи и за витамините и разните суплементи. Секое несоодветно земање на лек, па дури и на суплемент може да донесе несакани дејствија. Лекарот е тој што треба да ја определи терапијата доколку е потребна. Тоа важи за секоја болест, тоа важи и за ковид-19“, нагласи Стевановиќ во емисијата Клик-плус на ТВ21., вели директорката на Инфективна клиника, д-р Милена Стевановиќ.
Проф. д-р Дејан Докиќ во истата дебата, истакна дека основно е да се пијат многу течности и да се земе витаминска терапија.
„Она што е важно, е дека не би сакал граѓаните да земат парацетамол непотребно. На телесна температура од, на пример, 37, 2 голем број луѓе пијат парацетамол. А не знаат дека температурата е дел од одбранбениот систем. Се зема кога температуратa е висока, околу и над 39 степени за таа да се намали, но не нагло, со цел организмот да ‘живне’ и да ја продолжи својата борба“, објасни Докиќ.
ИЈЗ извештај
Од 23 до 29 ноември пријавени се 206 смртни случаи од ковид-19 од 25 градови, незначително намалување за 1% во однос на минатата недела, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Во однос на возраста, 169 лица биле над 60 години, 30 лица на возраст од 50- 59 години, 3 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години и 4 случаи во возрасната група од 30-39 години.
Министерството за здравство вели дека според неделниот извештај на Институтот, намален е бројот на нови случаи на ковид-19. Тестирани се 18.767 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на САРС-КоВ-2, 4,6% помалку во однос на минатата недела. Регистрирани се 6.745 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со намалување од 9,9% во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (2.863; 42,4%), со неделна инциденца – 326/100.000. Процентот на позитивни од тестирани во периодот на известување е 35,9%.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 63890, бројката на оздравени пациенти е 40977, на починати е 1825, а бројот на активни случаи изнесува 21088.