СДСМ: Студија на ЕУ потврди – „во кујната на белиот дворец“ се готват лажни вести

од Nikola Popovski
356 прегледи

„Профилот на социјалните мрежи на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и на неговиот ментор од Будимпешта, како и на неколку медиуми блиски до опозицијата се извори на дезинформации“, реагираат од СДСМ на студија изработена од Генералниот директорат за надворешна политика на Европската Унија по нарачка на Европскиот парламент, во која се споменува дека профилот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се наоѓа меѓу профилите на личности кои се сметаат за извори на дезинформации.

Според партијата, ова е уште една потврда, уште едно демаскирање на кујната во белиот дворец во стечај.

„Таму се готват лажни вести, измислици и дезинформации, на штета на националните и на државните интереси, на штета на граѓаните. Само ден претходно лагите на ВМРО-ДПМНЕ дека наводно повеќе земји членки на ЕУ се против интеграцијата на Северна Македонија, беа демантирани од странски амбасади. Вистината секогаш излегува на виделина, вистината е дека ВМРО-ДПМНЕ е антидржавна, антиевропска партија, која шири лаги и дезинформации, со кои ги поткопува напорите за евроатлантска интеграција на државата. Граѓаните одамна им ги прочитаа лагите, затоа Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ уште долго ќе останат во опозиција“, стои во партиското соопштение на СДСМ.

Во студијата е наведено дека другите големи дезинформациски канали, откриени во нивната анализа на социјалните мрежи, го вклучуваат интернет-порталот Инфомакс.мк, и профилите на социјалните мрежи поврзани со кампањата за бојкот на референдумот, како и на познати личности, меѓу кои и анти-западниот коментатор Миленко Неделковски и поранешниот премиер Никола Груевски.

Слични содржини