Британскиот институт за здравство објави дека вакцинацијата против коронавирус ќе започне утре, 8 декември.
Првиот контингент на вакцини развиен од „Фајзер“ и „БиоНТек“ пристигна во четвртокот, а веќе од следната недела околу 800.000 дози на вакцината ќе бидат достапни во Велика Британија.
Британските власти нарачаа околу 40 милиони дози на вакцина, што е доволно за околу 20 милиони луѓе на кои ќе им се дадат две дози.
Властите го објавија и редоследот на групите луѓе кои ќе бидат вакцинирани.
Вакцините ќе им бидат дадени најпрво на жителите на домовите за стари лица и вработените и волонтерите на овие институции, а потоа следат лицата постари од 80 години, медицинските работници и работници во секторот за социјална заштита.
По нив, ќе бидат вакцинирани лица постари од 75 години, луѓе кои се екстремно клинички чувствителни, лица над 65 години и лица на возраст меѓу 16 и 64 години кои имаат здравствени проблеми.
Потоа, ќе бидат вакцинирани лица постари од 60 години, потоа постари од 55 години и постари од 50 години.