Светската здравствена организација (СЗО) во понеделникот соопшти дека вакцинацијата против КОВИД-19 не треба да биде задолжителна, освен во специфични професионални околности.
Пристигнувањето на вакцината е „добра вест“, рече Мајкл Рајан, директор на службите за итни случаи во СЗО, на прес-конференција, нагласувајќи дека придобивките од вакцината треба подобро да се објаснат, отколку воведувањето задолжителна вакцинација.
„Не мислам дека треба да се воведе обврска за вакцинација“, рече Кејт О’Брајан, директор на одделот за имунизација и вакцини на СЗО, истакнувајќи дека „искуството покажало дека кога земјите сакаат да воведат обврска за некои вакцини, тоа не ги донело посакуваните ефекти“.
„Не мислам дека треба да размислуваме за тоа државите да ја прават вакцинацијата против Ковид-19 задолжителна“, нагласи таа.
Но, може да има „одредени ситуации во земјите каде што има професионални околности што бараат или високо препорачуваат вакцинација“, додаде таа, повикувајќи се на „одредени работни места во болниците“.
Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, ги повика земјите кои предвидуваат вакцинирање во наредните недели и месеци првенствено да ги вакцинираат оние на кои им е најпотребна, бидејќи количината на вакцини првично ќе биде ограничена.
СЗО препорача прво да се вакцинираат здравствените работници кои се високо изложени на ризик од инфекција и оние кои се најмногу изложени на луѓе кои страдаат од сериозни болести или напредна возраст.
Бидејќи количината на достапна вакцина ќе се зголеми, СЗО понатаму препорачува вакцинирање на лица со поголем ризик од тешки форми на Ковид-19, односно оние со здравствени проблеми и маргинализирани групи со поголем ризик, прецизира генералниот директор на СЗО.
Со цел најбогатите земји да не ги откупат сите дози на вакцини што ќе бидат достапни во ограничени количини, СЗО го започна механизмот ACT-Accelerator, кој треба да овозможи фер дистрибуција на вакцините.
Потребни се 4,3 милијарди американски долари веднаш, според СЗО, кои жалат за недостаток на добиено финансирање.
„Сега за сега, постои преголем јаз меѓу зборовите и делата, за да имаме резултати“, заклучи Аданом Гебрејесус.