Повеќе од 20 европратеници од Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент бараат од Советот да ја одобри рамката за преговори за Северна Македонија и Албанија, пренесува БНР.
Европратениците, вклучително и претставникот на Бугарија за обнова на Европа и известувач за Северна Македонија, Илхан Ќучук, претседателот на надворешната комисија Дејвид Мекалистер, известувачот за земјава во сенка на Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите, Тања Фајон, ги повикаа сите засегнати страни да најдат решение, со кое ќе се осигура дека пристапните преговори ќе започнат пред крајот на годината.
Предупредувајќи дека нивното замрзнување ќе ја наруши довербата на ЕУ во Западен Балкан, европратениците ги повикаа Бугарија и Северна Македонија да најдат компромис за билатералните прашања за да избегнат понатамошно одложување на процесот.
„Бугарија мора да го одобри отворањето на меѓувладината конференција со Северна Македонија што е можно поскоро и во секој случај во декември, со што ќе ги признае напорите на земјата да се приклучи на Заедницата. Северна Македонија, во својата улога како членка-кандидат, исто така мора да вложи максимални напори за решавање на спорните прашања“, велат претставниците во Европскиот парламент.
Бугарската страна за БНР изјави дека ставот на земјата не е променет и потсети дека Бугарија поддржува почеток на преговори за пристап на Северна Македонија во ЕУ, но под одредени услови.