Зашов: Софија направи стратешка грешка, ќе треба долго време за да се поправи атмосферата меѓу двата народи

од Vladimir Zorba
274 прегледи

ЕУ мора да води сметка, и Бугарија треба да се покаже како добар сосед за решавање на проблемот со Македонија, вели поранешниот македонски амбасадор во Романија, и првиот претставник на Македонија во Советот на Европа во Стразбур Благој Зашов, во интервју за Гласот на Америка.

Вели дека жали што се отворила Пандорината кутија врз база на историјата.

– И во двете држави се создаде една атмосфера, која немаше да биде таква каква што е, ако од страна на Бугарија не се отвореше ова прашање, и не се закануваше со вето за ЕУ. Оттука, кога веќе е таква ситуацијата, мислам дека треба и двете земји да направат напорза да се најде некакво решение, а тука сигурно би помогнала и Германија, која е претседавач на Европскиот совет, истакна Зашов.

За ветото, вели дека е стратешка грешка на Софија и мисли дека тоа што таа го направи, ќе биде штета и за самата Бугарија.

– Ќе кажам и зошто. Затоа што се создаде една атмосфера меѓу двете држави и двата народа, која треба сега многу долго време да се поправи и од двете страни, вели поранешниот амбасадор.

Не верува дека наскоро ќе дојде до решение со Софија, меѓутоа Владата, која е задолжена да ја води надворешната политика кај нас, треба да продолжи со напорите за наоѓање решение.

– Но, дали тоа го прави најдобро во моментот, засега не знам. Историјата е наука, која треба да биде оставена на историчарите. Но, во конкретниот случај, Бугарија ја стави како точка на дневен ред во односите меѓу двете земји, истакна Зашов.