Шефчович: Сите работиме напорно за да го решиме проблемот меѓу С.Македонија и Бугарија

од Vladimir Zorba
312 прегледи

Потпретседателот на Европската комисија Марош Шефчович и германскиот државен секретар за Европа, Мајкл Рот изразија оптимизам дека ќе се најде компромис за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и покрај ветото на Бугарија. Двајцата разговараа по видео конференцијата на министрите одговорни за европските прашања, јави БНР.

Рот изрази „големо разочарување“ од недостаток на преговарачка рамка за преговори и заклучоци на Советот, опишувајќи го како „горчлив удар врз политиката на ЕУ за Западен Балкан“. Тој исто така изрази надеж дека ќе се постигне чекор напред во следните неколку дена или најдоцна под Португалското претседателство следната година.

„Прашањето не е дали ќе започнат преговори со Северна Македонија, туку кога тоа ќе се случи, бидејќи нашата позиција е изградена врз широк консензус што исклучува една одредена земја“, рече Рот.

Истото го рече и потпретседателот на Европската комисија, Марош Шефчович.

„Се разбира, сите работиме напорно за да го решиме овој последен проблем. За жал, ова не беше можно во оваа фаза. Но, ние ќе продолжиме да работиме со германското и португалското претседателство, и целосно се согласувам дека прашањето не е дали, туку кога ќе го решиме“, рече тој.

Бугарија стави вето на почетокот на преговорите со Северна Македонија, но не и на Албанија. Земјата инсистира на разјаснување на заедничките историски корени и јазичната блискост меѓу двете земји.

Претходно денеска, портпарол на Европската комисија рече дека целта за пристапување кон Западен Балкан останува водечка и е поддржана од сите земји на ЕУ.

Нема промена во врска со ова прашање, додаде тој по вчерашното соопштение дека проширувањето на ЕУ е надвор од агендата до крајот на годината.

„Понекогаш преговорите се тешки. Зачленувањето во ЕУ не е лесна задача“, додаде портпаролот. „Потребна е храброст, издржливост и карактер, но ние ќе продолжиме по овој пат“, посочи тој.

Портпаролот рече дека ЕК очекува да бидат закажани разговори со Северна Македонија и Албанија веднаш штом ќе бидат исполнети неопходните услови.

Додаде дека се уште не е постигната неопходната едногласност во Советот на ЕУ за прашањето за преговарачката рамка.

Слични содржини