Албанските демонстранти вечерва се судрија со полицијата во Тирана во знак на протест против убиството на 25-годишник кој го нарушил полицискиот час воведен за борба против коронавирусот.
Стотици Албанци протестираа, кршејќи ја забраната за собирање на повеќе од 10 лица и фрлајќи камења кон полицајците и кон владините згради, Министерството за внатрешни работи и Собранието на Тирана.
Тие исто така се обидоа да упаднат во владиниот комплекс каде е канцеларијата на премиерот Еди Рама, но полицијата ги растера со солзавец.
Полицијата соопшти дека во судирите биле повредени девет нејзини членови.
Медиумите наведуваат дека демонстрант и новинар се повредени, а оштетени се и паркирани полициски возила.
Протестите избувнаа откако ноќта меѓу понеделник и вторник, 25-годишниот Клодијан Раша беше убиен со огнено оружје, бидејќи не реагираше на наредбата на полицијата да запре.