Интервју со директорката на ПИОМ, Јовановска: Короната не влијае на сигурноста на Фондот, пензиите и понатаму ќе се исплаќаат навреме

од Vladimir Zorba
705 прегледи

ВД Директорката на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Билјана Јовановска е оптимист во однос на кондицијата на Фондот за ПИОСМ. Во нејзиното прво интервју за медиумите, за „Локално“ изјави дека долгиот период на корона криза резултирал со балансиран процес меѓу новите вработувања и отпуштањата.

„Потврда за тоа е и податокот дека нема поместување на соодносот корисник на пензија и осигуреник, кој во моментов е 1:1,81’’, вели Јовановска.

Овој сооднос очекува дополнително да се подобри по кризата, со владините мерки за зголемување на вработеноста, од странските инвестиции, проектите за задржување и отворање нови работни места.Сето тоа вели Јовановска ќе ја зголеми бројноста на вработената продуктивна сила што е важно за приходната страна на Фондот.

Место за загриженост не препознава ниту во предлог измените на законот кои предвидуваат задолжително пензионирање на работници на 64 години кај мажи и 62 години кај жени. Зависноста на ПИОСМ од Буџетот се намалува вели таа, а доказ за тоа е фактот што во лани во однос на 2018 година се трансферирани 20 милиони евра помалку.

Најавува ангажирање на повеќе лекари специјалисти и формирање на неколку комисии за оцена на работната способност, наместо досегашната пракса, проценката да ја прави само една комисија. Целта е да нема застои и да се забрза остварувањето на правата на граѓанинот кои произлегуваат од проценка на инвалидноста.

По функцијата што ја извршувавте во Агенцијата за вработување, сега сте пред нов предизвик. Фондот за ПИОСМ е институцијата која многу често беше споменувана во јавноста во делот на стабилноста и издржливоста, па оттаму и потребата работите да се средат, разјаснат. Каков е вашиот прв впечаток? Што си поставивте како приоритет да го направите во првите месеци од вашето директорување?

– Повеќегодишното искуството во АВРСМ секако е корисно и драгоцено за сегашната раководна позиција во Фондот за ПИОСМ. Морам да кажам дека јас сакам да извршувам работни обврски кои се поврзани со давање услуги на граѓаните, сакам да работам со странки. Впрочем затоа и постоиме како институција, да бидеме брз и квалитетен сервис за граѓаните. Институциите ги раководиме, но истите се за и на граѓаните. И двете институции се важен сервис за граѓаните, а нивната успешност е взаемно условена, бидејќи порастот на вработувањата и новиот број осигуреници, е во директна корелација со стабилноста на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија. Новите осигуреници ја хранат и ја одржуваат неговата стабилност. Мојата посветеност сега е насочена кон навремено и квалитетно решавање на барањата на граѓаните и остварување на нивните права од областа на пензиското и инвалидското осигурување. Конкретно, како приоритет си поставувам ангажирање на повеќе лекари-специјалисти, со цел формирање неколку комисии за оцена на работната способност (во моментот е една комисија), како би се забрзало остварувањето на правата кои произлегуваат од проценката на инвалидноста (како од пензиско и инвалидско осигурување, така и на други права, а произлегуваат од наодот и оценката на наведените комисии).

Како последица на кризата предизвикана од вирусот Ковид- 19, голем број вработени беа отпуштени од работа. Станува збор за процес кој трае, без навестување за евентуална завршница, па оттука и стравувањата какви ќе бидат последиците по Фондот за пензиско. Дали во моментов постојат одредени анализи, барем рамковни?

– Пазарот на труд функционира и во период на кризата предизвикана од Ковид-19. Во изминатиот период, во просек околу 6 000 слободни работни места работодавачите секојдневно огласуваат во АВРСМ. Имавме состојба на одјави од задолжително социјално осигурување, но исто така имавме и пријави во задолжително социјално осигурување, односно засновање на нови работни односи. Само преку Активните мерки од Оперативниот план за 2020 година имавме повеќе илјади отворени нови работни места. Со пакет мерките на Владата се задржаа многу работни места. Така што, овој процес во моментов е во еден вид баланс. Потврда за тоа е и податокот дека нема поместување на соодносот корисник на пензија и осигуреник, кој во моментов е 1:1,81. Имајќи ги во предвид сите мерки и проекти кои оваа Влада ги преземаше и ги презема за време на пандемијата, сигурни сме дека Фондот за ПИОСМ ќе остане во стабилна финансиска состојба.

Предлог измените на законот кои предвидуваат задолжително пензионирање на работници на 64 години кај мажи и 62 години кај жени без можност за продолжување (со исклучоци), кои се веќе во собраниска процедура, предизвикаа многу дилеми во јавноста. Од 1 Јануари поради примената на новиот закон, се очекува наплив од нови пензионери.Што велат анализите? Дали Фондот ќе го издржи ова оптоварување?

– Соодносот на пријави и одјави во овој период е прилично врамнотежен, во своевиден баланс, така што воопшто нема дополнително оптоварување. Фондот за ПИОСМ е институција која што ги спроведува одредбите од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, а надлежноста за негови измени или дополнувања е на Министерството за труд и социјална политика, направени врз темелни анализи. Резултатите од предложените измени не може да се гледаат само како еднонасочен процес, во кој некоја претпоставена бројка на лица ќе заминат во пензија, бидејќи не може да се занемари можноста дека тоа ќе отвори и простор за вработување на нови кадри. Во тој контекст, внимателно ги анализираме податоците, следиме индикатори кои можат да укажат или навестат трендови и сметам дека во моментов нема место за загриженост, напротив граѓаните можат да бидат спокојни. Пензионерите и понатаму редовно ќе ги примаат своите пензии.

Како ќе се финансира овој наплив на тазе пензионери? Колку пари од државниот буџет ќе бидат потребни за ПИОСМ?

– И сегашното законско решение предвидуваше заминување во пензија со 62, односно 64 годишна возраст, така што ова претставува редовно пензионирање, па проекциите и за следната година се во насока на нормалниот, очекуван прилив на нови корисници на пензии. Бидејќи дел од потенцијалните корисници на пензии дале изјава за продолжување на работниот однос до декември 2021 година, а исто така има професии кои се исклучоци од оваа законска измена.

Една од можностите што се најавуваше со законот е предвременото пензионирање. Дали навистина ќе се даде ваква можност, од кога и за кого?

– Законските измени ги предлага Министерството за труд и социјална политика. Досега немаме информација во таа насока, но подготвени сме да ги дадеме нашите анализи и ставови во интерес на добро законско решение.

Колку пензионери ќе ја добијат државната помош од 6.000 денари, кога и на кој начин? Дел од нив се жалат дека поради минимално покачување на октомвриската пензија, го надминуваат прагот за помош.

– Изминатиот викенд е донесен Законот за финансиска поддршка на граѓани со низок приход, за корисници на пензија, за корисници на право на социјална сигурност на стари лица, за млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејноста во културата – филмски работници и естрадни уметници. Со овој закон, покрај другите, опфатени се и корисници на пензија, кои за периодот јануари-август 2020 година оствариле доход по основ на пензија не поголем од 120.000 денари, односно месечен износ на доход по основ на пензија не поголем од 15.000 денари. Финансиската поддршка се врши од Буџетот на Република Северна Македонија, а корисниците на пензија истата ќе ја добијат на трансакциските сметки на која ја добиваат својата пензија, врз основа на списокот што ќе го достави Фондот за ПИОСМ.

Како што знаете, усогласувањето на пензиите, согласно со член 37 од Законот за ПИО, се врши редовно два пати во годината, и тоа во јануари и јули, согласно со процентот на порастот на индексот на трошоците на живот, објавени од Државниот завод за статистика. Фондот за ПИОСМ изврши исплата на усогласена пензија за месец јули. Износот на пензиите во октомври се исти со оние во август и септември. Тоа е редовна законска обврска и не е во никаква врска со најавената државна помош.

Најважната работа за секој пензионер е пензијата да ја добие навреме, а прашањето кое си го поставуваат е дали и кога ќе има покачување на пензиите?

– Сегашните корисници на пензии, како и идните, немаат причина за загриженост, бидејќи исплатите, дури и во време на пандемија, не доцнат, туку напротив, од март 2020 година имаме предвремена исплата. Од друга страна, Фондот за ПИОСМ во соработка со Владата во континуитет работи на унапредување на правата од ПИОМ, како и на изнаоѓање решенија кои се во корист на граѓаните. Стабилноста на Фондот е предуслов за сите следни проекции насочени кон очекувањата на пензионерите.

Според ревизорските извештаи за 2018 и 2017 година , 43% од средствата за пензии доаѓаат од државната каса.Колкави се вкупните приходи во Фондот на ПИОМ во 2020 година?Колку пари беа издвоени и префрлени од буџетот во 2019 а колку во првите 10 месеци од годинава?

– Буџетот на Фондот во 2017 година изнесувал 65.178.000.000,00, во 2018 година изнесувал 68.645.000.000,00 денари и во 2019 година изнесувал 73.372.110.000,00 денари. Трансферот од Буџетот на РСМ кон Буџетот на Фондот на ПИОСМ во 2017 изнесувал 28.461.000.000,00 денари, во 2018 година 29.399.000.000,00 денари и во 2019 година 28.103.000.000 денари. Од ова се гледа дека приходите растат, а трансферот од државниот буџет во однос на вкупниот буџет покажува тренд на намалување, односно во 2017 година тој изнесувал 43%, во 2018 година 42% и во 2019 година 38%.

Истите ревизорски извештаи открија исплата на пензии на починати, невратени пари во Фондот по основ на штети, а аферата што ја откри Министерката Царовска помина без завршница. Се отвори многу простор за дилеми, а особено недоверба во начинот на кој работи Фондот. Има ли политичка воља за надминување и решавање на бројните пропусти?

-Има и волја, и посветеност. Не можам да говорам за забелешките во минатото, можам да говорам за состојбата сега. А таа укажува дека со контунуирано и навремено добивање и ажурирање на сите податоци, се стеснува, односно целосно се исклучува простор за какви било пропусти. Она што можам да го потврдам, е дека се води максимална грижа за буџетот на Фондот за ПИОСМ, односно за нашите корисници на пензии. Тие како категорија се најголемо семејство во земјава, и кон него се однесуваме со максимална почит и одговорност.

Стапките на придонесите во РС Македонија се едни од најниските во Европа. Оваа година стапката се зголеми но како тоа се одрази на трасферот на пари од Буџетот?

– Стапката на придонес согласно измените на законот во 2019 година се покачи на 18,4 % додека во 2020 година се покачи на 18,8 %. Со овие покачувања се намали трансферот на средствата од Буџетот на РСМ од 43% во 2017 на 38 % во 2019 година. Тоа значи поголеми приходи за Фондот и поголема сигурност за корисниците на пензии.

Според последните пресметки, на 1,8 осигуреници има еден пензионер. Прогнозите се дека во следните години ќе се зголемува бројот на пензионери, но ќе се намалува бројот на осигуреници кои се важни за приходната страна на фондот. Имајќи ги предвид предупредувањата за долгорочна одржливост на Фондот, дали се размислува за негова реформа?

– Досегашниот сооднос осигуреници – корисници на пензии, заклучно со 31.12.2019 година е 1,81 : 1, односно 1 пензионер е покриен од 1,81 осигуреник. Со мерките за зголемување на вработеноста кои ги спроведува Владата на РСМ, моите очекувања се овој сооднос да се подобри по кризата предизвикана од пандемијата.Резултати на тој план се очекуваат и од привлекувањето на странски инвестиции, новиот буџет во Оперативниот план за активни мерки за вработување, сет мерки и проекти во надлежност на други институции кои придонесуваат за задржување на работните места и отворање на нови работни мета. Сето тоа може да ја зголеми бројката на вработено население во продуктивна возраст, кое е важно за приходната страна на Фондот. Значи, зборуваме за сет на фактори што влијаат на стабилноста на пензискиот систем, кој е синоним за меѓугенерациска солидарност.

Постоеја најави дека ќе се прават измени и во делот на бенефицираниот стаж. Кој се во РС Македонија има бенефициран стаж? Дали има простор за промени во овој дел од системот и какви би биле ефектите врз Фондот?

– Тоа е прашање за Министерството за труд и социјална политика, кое во изминатиот период работеше на анализа со цел да направи ревизија на сите работни места за кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење. За потенцијалните ефекти врз Фондот од такви измени, би можеле да зборуваме по утврдување на регистар на ризични професии и ревизија на досега утврдените работни места што влегувале во категоријата со бенефициран работен стаж, како и други анализи, со кои ќе се прецизира концептот на измени. Фондот постапува согласно со законската регулатива донесена од страна на Собранието на предлог на МТСП.

К.В.С.

Слични содржини