Криза на шведскиот модел: Болниците во Стокхолм се полни, лекарите бараат помош

од Nikola Popovski
325 прегледи

Директорот на системот за здравствена заштита во Стокхолм, апелирал до шведската влада да им испрати медицински работници и друг болнички персонал, додека главниот град се бори против вториот бран на пандемијата, што доведе до преполнување на единицата за интензивна нега.

„Ни треба помош“, изјавил Бјорн Ериксон, директор на системот за здравствена заштита на Стокхолм, на прес-конференција.

Тој предупредил дека скоро сите кревети на одделите за интензивна нега се зафатени и дека е потребно подобро усогласување со препораките на владата, за да се намали притисокот врз здравствениот систем.

„Едноставно, не вреди да се излезе на пијачка после работа, да се оди во гужви и да се купуваат новогодишни подароци, последиците се страшни“, рекол Ериксон.

Шведска не одлучи да воведе карантински мерки, како што беше случај во другите европски земји. Досега се потврдени скоро 7.300 смртни случаи во земјата, а бројот на смртни случаи од Ковид-19 по глава на жител во Шведска е значително поголем отколку во соседните нордиски земји, пренесува Ројтерс.

Стокхолм е меѓу најтешко погодените области, со 2.836 смртни случаи од почетокот на пандемијата. По затишјето во летото и есента, бројот на заразени повторно расте.

Како резултат, шведската влада ги заостри ограничувањата на јавните собири во последните неколку недели, додека на средните училишта им беше наредено да се префрлат на часови преку Интернет до крајот на полугодието.

Владата соопшти дека ќе побара од парламентот поголеми овластувања за воведување мерки за затворање на објектите како што се трговските центри и спортските сали.

Почитувањето на мерките во Шведска досега беше главно на доброволна основа.

Слични содржини