На денешната 27. седница на Владата, беше разгледана и усвоена и Стратегијата за управување со јавниот долг на Република Северна Македонија за 2021-2023 година, со дополненија уште за две години до 2025 година.
Со Стратегијата за управување со јавен долг, согласно со Законот за јавен долг, се утврдува висината на јавниот долг на среден рок, максималниот износ на нето задолжување во првата година во која се однесува стратегијата, максималниот износ на ново издадени државни гаранции во првата година за која се однесува стратегијата и структурата на државниот долг.
Стратегијата за управување со јавен долг ѝ дава рамка на Владата на Република Северна Македонија за дејствување во насока на прудентно управување со јавниот долг на државата на среден рок. Целите на политиката за управување со јавниот долг коишто се утврдени со Законот за јавен долг се: финансирање на потребите на државата со најнизок можен трошок, на среден и долг рок и со одржливо ниво на ризик; идентификација, следење и управување со ризиците на кои подлежи портфолиото на јавниот долг и развој и одржување на ефикасен домашен финансиски пазар.
Остварувањето на овие цели ќе се реализира преку дефинирање на краткорочни и среднорочни лимити на одредени индикатори на должничкото портфолио.