Бројот на новозаболени лица полека се намалува, но продолжува трендот на висока смртност во земјава предизвикана од Ковид 19. Завчера имавме најголем број на смртни случаи за едно деноноќие од почетокот на пандемијата, 46. Загрижува и возраст на некои од нив. Последен е случајот со 22 годишната пациентка.
22-годишната родилка која почина со ковид-19 била во тешка состојба и на респиратор
„Дваесет и двегодишната пациентка, ковид позитивна, на 26 ноември од ГАК е префрлена во ГОБ ‘8 Септември’ во многу тешка состојба. На Клиниката за Гинекологија била три дена поради комплицирана бременост, породен е мртов плод со царски рез. Нејзината здравствена состојба била многу лоша и пациентката за цело време била на респиратор“,велат од Министерството за здравство.
Како што соопшти Министерството за здравство, вчера беа регистрирани се 929 нови случаи на целата територија во земјава, од нив најмногу (417) се во Скопје.
Во статистиката се регистрирани и 1 068 оздравени пациенти, од кои повторно најголемиот број се во главниот град, вкупно 255.
Потрошувачката на антикоагулантна терапија во земјава е тројно зголемена
Зголемената потрошувачка е резултат на тоа што овие лекови се вклучуваат како терапија кај болните со ковид-19 кај кои се јавуваат одредени проблеми со крвта.
Потрошувачката на антикоагулантна терапија во земјава е тројно зголемена во однос на истиот период лани, но добавувачите прават напори да се обезбедат бараните количини и во моментов нема недостиг од ваква терапија ниту во аптеките ниту во болниците, информираат од Министерството за здравство.
„И покрај тоа што годинава се трошат тројно повеќе лекови од палетата на антикоагулантна терапија, во која влегуваат лекови како клексанот и ксарелтото, во моментов нема недостиг од овој тип терапија ниту во болниците ниту во аптеките. Зголемената потрошувачка е резултат на тоа што овие лекови се вклучуваат како терапија кај болните со ковид-19, кај кои се јавува одредени проблеми со крвта“,вели министерот Венко Филипче.
Од МЗ наведуваат дека добавувачите на овој тип лекови, во нивните планирани набавки за 2020 година, имаат предвидено увоз на многу помали количини од овие лекови, но со зголемената потрошувачка се прават и дополнителни напори за набавки и досега нема проблем во испораката.
Вкупната бројка на дијагностицирани со ковид-19 во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 70 883, бројката на оздравени пациенти е 47 364, на починати е 2 051, а бројот на активни случаи изнесува 21 468.