Проценката на сите несакани ефекти на вакцините против Ковид 19 треба да ја прават националните власти, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО) како одговор на прашањето за препораката на Велика Британија луѓето склони кон алергии да не ја примаат вакцината „Фајзер“.
– Луѓето не треба да се грижат премногу. Имајте на ум дека има многу кандидати за вакцини кои пристигнуваат во исто време – изјави портпаролот на СЗО, Маргарет Харис.
Таа додаде дека една вакцина можеби не одговара на одредени лица, но дека друга ќе може да одговара.
Панел од независни експерти препорача Администрацијата за храна и лекови на САД да одобри итна употреба на вакцината „Фајзер“.
СЗО ги проучува податоците од третата фаза на тестирање на неколку кандидати за вакцини против Ковид-19, рече Харис.
Организацијата сè уште нема издадено препорака за итно одобрување на каква било вакцина, а главната работа што се разгледува е безбедноста, додаде таа.